Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Маскедонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јули 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за употреба на знамињата на општина Тетово, донесена од Советот на Општината на 20 март 1997 година.
2. СЕ УКИНУВА решението со кое се запираат од извршување, поединечните акти или дејства преземени врз основа на оспорената одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Владата на Република Македонија и Демократската партија на Македонија со решение У.бр.90/97 и 94/97 од 25 јуни 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидува знамето на Република Македонија заедно со знамето на албанската националност, како и знамето на град Тетово да бидат постојано истакнати пред зградата на општината Тетово, поради што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот за употреба на знамињата (“Службен весник на СРМ” бр.40/73 и 17/89).
5. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Одлуката предвидува знамето на Република Македонија да се употребува при празнување на празници на Република Македонија, при прослави и свечености, при одржување на политички манифестации, на масовни, културни, спортски и други приредби, како и при празнување во приватниот живот на граѓаните.
Согласно членот 2 од Одлуката, покрај знамето на Република Македонија во случаите предвидени во член 1 на оваа одлука, се истакнува и знамето на албанската националност.
Во членот 3 од Одлуката е предвидена обврската државните органи, органите на општината, претпријатијата, установите, јавните служби, месните самоуправи и други органи на подрачјето во кое живеат припадници на албанската националност да го истакнуваат, покрај знамето на Република Македонија и знамето на албанската националност.
Членот 4 од Одлуката предвидува можност, припадниците на албанската националност, при празнување во приватниот живот, покрај знамето на Република Македонија, да го истакнуваат и знамето на албанската националност.
Членот 5 од Одлуката предвидува дека во сите случаи кога се истакнува знамето на Република Македонија и знамето на албанската националност треба да се истакне и знамето на општината.
Членовите 6 и 7 од Одлуката го уредуваат постојаното истакнување на знамињата пред зградта на општината Тетово, како и во просториите на Советот и градоначалникот на општина Тетово, при што предвидуваат димензиите на сите знамиња, при нивната едновремена употреба, да бидат еднакви.
Со членот 8 од Одлуката се предвидува таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Тетово”.
6. Согласно член 5 од Уставот на Република Македонија државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна, кои се утврдуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од оваа одредба произлегува дека Уставот упатува прашањата сврзани со државните симболи на Републиката, меѓу кои и знамето на Република Македонија, да се утврдат со закон, односно дека истите не можат да бидат предмет на регулатива на општината.
Правото на општината да го регулира прашањето на употребата на знамињата не произлегува и од членот 48 од Уставот, со оглед на тоа што со оваа одредба се уредува правото на припадниците на националностите слободно да ги изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености, а воедно се утврдува обврска на Републиката да им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет.
Што се однесува до Законот за употреба на знамињата, Судот утврди дека согласно член 10 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од ЏЏИВ до ЛИВ на Уставот на СР Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.16/89), со денот на прогласувањето на Амандманите престанале да важат одредбите од
Законот за употреба на знамињата (“Службен весник на СРМ” бр.40/73) што се однесуваат на знамињата на народностите и етничките групи (националностите).
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со оспорената одлука која предвидува постојана употреба на знамето на албанската националност како и негова употреба при празнување во приватниот живот, се излегува надвор од рамките на Законот за употреба на знамињата.
Во врска со прашањето за постојаното истакнување на знамето на Република Македонија, имајќи предвид дека Законот за употреба на знамињата (во делот што е во сила), е дециден во смисла што ги набројува случаите кога може да се употребува знамето на Република Македонија (државни празници, прослави, свечености, културни, спортски и друг вид манифестации и при празнување во приватниот живот на граѓаните), според оценката на Судот, предвидувањето на употребата на знамето на Република Македонија да се врши постојано, ја доведува во прашање уставноста и законитоста на Одлуката за употреба на знамињата на општина Тетово и од овој аспект.
Ова дотолку повеќе што Законот за употреба на знамињата уредува кога може да се употребува знамето на Република Македонија, додека во однос на употребата на знамињата на националностите, не е содржана регулатива.
Според одредбата од членот 115 од Уставот на Република Македонија, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон.
Со оглед на тоа што со закон ова прашање не е ставено во делокруг на општината Судот оцени дека таа со одлука не може да ја уредува употребата на знамето.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Советот на општина Тетово, без уставна и законска основа, со оспорената одлука, го уредил прашањето за употреба на знамето, поради што оцени дека истата е несогласна со Уставот и со Законот за употреба на знамињата.
Во врска со членот 8 од Одлуката кој предвидува таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а потоа да се објави во “Службен гласник на општина Тетово”, имајќи ја предвид одредбата од член 52 став 1 од Уставот според која законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, Судот оцени дека Одлуката е несогласна со Уставот и од овој аспект.
7. Со оглед на тоа што донесе конечна одлука Судот, согласно член 27 од Деловникот, одлучи да ја укине времената мерка.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.90/97 и 94/97)