101/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 28 став став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јули 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на
Одлуката за колективно осигурување на пензионерите и нивните брачни другари, кои не се пензионери и не се во работен однос, донесена од Извршниот одбор на Општинскиот сојуз на пензионерите од Гостивар на 29 јануари 1997 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Добривоје Новески од с. Д. Баница – Гостивар му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа без одобрување на пензионерите им се задржува 50 денари за осигурување на брачните другари кои не се пензионери и не се во работен однос, на кој начин старосните пензионери двојно се оштетени, еднаш затоа што им се запира по 50 денари и по втор пат брачните другари што не се пензионери се рамноправни со пензионерите што плаќаат осигурување.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се регулираат прашањата кои се однесуваат на колективното осигурување на пензионерите и нивните брачни другари кои не се пензионери и не се во работен однос, висината на месечната премија
за колективно осигурување за 1997 година кое изнесува 140 денари, висината на штетата и ризиците за кои се осигуруваат пензионерите.

Согласно член 110 став 1 алинеа 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓаните.

Од изнесената одредба произлегува дека Уставниот суд ја цени само уставноста на програмите и статутите на здруженијата на граѓани.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај не е спорен статут на здружение на граѓани, туку одлука за која согласно наведената уставна одредба, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.101/97)