117/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јули 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за промена на седиштето на “Проимпекс-Ипоз Преспа” АД – с.Царев Двор, Ресен, донесена од Собранието на Акционерското друштво на 31 март 1997 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Николче Павловски од Ресен, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, во која наведува дека со оспорената Одлука било променето седиштето на Акционерското друштво “Проимпекс-Ипоз Преспа” АД – с.Царев Двор, Ресен, спротивно на Статутот на Друштвото, според кој седиштето на Друштвото било во село Царев Двор, бидејќи со оспорената Одлука седиштето се определувало на ул.”Даме Груев” бр.7 во Скопје. Понатаму наведува дека оспорената Одлука била донесена во постапка спротивна на одредбите од Статутот, бидејќи предлогот за донесување на ваквата одлука не бил ставен на дневниот ред за седницата на Собранието и дека мнозинството од работниците писмено се изјасниле против донесувањето на оспорената Одлука. Смета дека причина за донесување на оспорената Одлука е штрајкот на работниците на Друштвото кој траел непрекинато од 18 ноември 1996 година. Наведува дека оспорената Одлука била спроведена од регистарскиот суд и дека било поднесено барање за бришење на жиро-сметката на Друштвото која се водела во Заводот за платен промет – Битола и нејзино префрлање во Скопје, иако оваа жиро-сметка била непрекинато блокирана од 28 март 1996 година и биле поднесени 7 пријави за стечај. Предлага Судот да ја поништи оспорената Одлука како спротивна на член 446 од Законот за трговските друштва.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт претставува статутарна одлука за промена на седиштето на Акционерското друштво “Проимпекс-Ипоз Преспа” АД – с.Царев Двор, Ресен.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Одлуката за промена на седиштето на “Проимпекс-Ипоз Преспа” АД – с.Царев Двор, Ресен претставува статутарна одлука која нема општо уредувачки карактер и не создава права и обврски за трети лица надвор од субјектот кој ја донел, поради што истата не претставува пропис за кој Уставниот суд е надлежен да одлучува.

За евентуалните неправилности и незаконитости на постапката во која била донесена оспорената Одлука, на кои што се укажува во наводите на иницијативата, надлежен е да одлучува месно надлежниот основен суд.

5. Поради наведените причини, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 117/97)