Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата од 9 јули 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на писмото на Уставниот суд на Република Македонија од 9 јуни 1997 година, упатено до Владата на Република Македонија за обезбедување извршување на Одлуката на Судот У.бр.52/97.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Махмуд Јусуфи адвокат од Тетово, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него Судот ја прејудицирал правната ситуација во врска со решението на Судот со кое се поведува постапка за оценување уставноста и законитоста на член 140 од Статутот на Советот на општината Гостивар од 13 март 1997 година, што не било согласно со Устав и со закон.
3. Судот на седницата утврди дека со оспореното писмо се бара од Владата да ги запре од извршување, до донесување на конечна одлука, поединечните акти или дејства, преземени врз основа на оспорениот член од Статутот.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Со оглед на тоа што оспореното писмо претставува начин на комуницирање меѓу Судот и Владата на Република Македонија, односно не претставува правен акт во смисла на горе наведениот член од Уставот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.124/97)