Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 јуни 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 6 од Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/97).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Советот на Општина Велес, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, согласно Уставот на Република Македонија, општините се финансирале од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката и биле самостојни во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а само надзорот над законитоста на нивната работа го вршела Републиката, од што произлегувало дека општината како единица на локалната самоуправа немала уставно утврдени средства, туку тие се утврдувале со закон. Исто така, согласно Законот за локалната самопурава со средствата остварени од изворните приходи единицата на локалната самоуправа самостојно располагала. Спротивно на Уставот и на Законот за локалната самоуправа со оспорената одредба се вршело зафаќање на изворните приходи на општините и тоа без за тоа тие да се согласат.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од Законот приходите остварени над утврдениот износ во членовите 2 и 3 на овој закон ќе се насочуваат на посебна републичка сметка. За користење на средствата од став 1 на овој член одлучува Владата на Република Македонија. Приходите остварени над утврдениот износ на единиците на локалната самоуправа се насочуваат на новоформираните единици на локалната самоуправа.
4. Во членот 114 став 4 од Уставот е предвидено дека општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката, а според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршење на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката. Во ставот 3 на овој член е предвидено дека Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината. Според член 5 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93), приходи на единиците на локалната самоуправа се обезбедуваат од: а) даноции и тоа, данок на имот, данок на наследство и подарок, данок на промет на недвижности и права; б) такси – комунални такси; в) дополнителни приходи од Буџетот на Републиката, во согласност со посебен закон; г) приходи од донации примени од земјата и странство (во стока и пари); д) други приходи отстапени на буџетите на единиците на локалната самоуправа, по разни основи во согласност со закон. Покрај приходите од став 1 на овој член, приходи на буџетите на единиците на локалната самоуправа претставуваат приходите по основ на земање на заеми од Буџетот на Републиката, со кои се финансира буџетскиот дефицит. Според член 9 од овој закон разликата меѓу приходите (освен земањето на заеми) и трошоците и останатите плаќања од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и буџетите на фондовите, претставуваат буџетски суфицит (кога приходите се поголеми од трошоците), или буџетски дефицит (кога трошоците се поголеми од приходите). Во членот 62 од Законот за локалната смаоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/96 и 60/95), е предвидено дека единиците на локалната самоуправа се финансираат од сопствени извори на приходи утврдени со закон: а) даноци – дел од данок на промет на стоки и услуги утврдени со закон; данок на имот, данок на наследство и подарок, данок на промет на недвижности и права; б) земјишна такса, комунални такси и приходи од услуги; в) приходи од сопствен имот; г) приходи од донации примени од Републиката и странство (во стока и пари); д) добивки од јавни претпријатија и јавни служби што ги основала единицата на локалната самоуправа; ѓ) дел од добивката што ја остваруваат јавните претпријатија што имаат истурени единици во локалната самоуправа, утврдени со закон; д) приходи од казни за непочитување на прописите на единицата на локалната самоуправа; и ж) други приходи отстапени на буџетите на единиците на локалната самоуправа по разни основи во согласност со закон. Според ставот 2 на овој член, единиците на локалната самоуправа се финансираат и од дополнителни приходи од Буџетот на Републиката во согласност со закон, а според ставот 3 на овој член, единиците на локалната самоуправа се финансираат и од земање на заеми од Буџетот на Републиката со кои се финансира буџетскиот дефицит, државни средства за доверените работи и други средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица. Од наведените уставни одредби произлегува дека едно од најважните прашања за успешно функционирање на локалната самоуправа е обезбедување на сигурни материјални средства, како и органите на локалната самоуправа самостојно да располагаат со тие средства. Исто така, и од Уставот и од означените одредби од одделните закони произлегува дека изворите на приходи на единиците на локалната самоуправа се определуваат со закон или во согласност со закон и тоа од децидно утврдени извори, првенствено од даноци и такси. Оттука се поставува прашањето дали Државата, заради остварување на своите уставни функции може со закон да презема мерки и да ги ограничува изворните приходи за финансирање на јавните потреби, меѓудругото да ги ограничи изворните приходи за функционирање на единиците на локалната самоуправа.
Според мислењето на Судот јавната порошувачка е еден од најзначајните фактори кои ја детерминираат вкупната потрошувачка на секоја земја, а со тоа и вкупната стабилност, односно нестабилност на стопанството. Ограничувањето на јавната потрошувачка има пресудно значење и во контролирањето на инфлаторните движења, посебно во услови кога во Државата Република Македонија не се елиминирани генераторите на инфлацијата. Со нејзиното одмрзнување во вакви услови инфлацијата може да има далекусежни последици врз стабилноста на економијата и воопшто на целокупниот развој на земјата. Оттука Судот смета дека не е спорно правото на државата, во рамките на уставните овластувања да ја уредува фискалната политика и во тие рамки да ги утврди изворните приходи на единиците на локалната самоуправа, како и да презема правни и економски мерки, во зависност од економската сотојба на државата, да го определи и квантумот на средства од изворните приходи за финансирање на јавните потреби. Во таа смисла државата со Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 1997 година ги ограничила изворните приходи како за Републиката, така и за единиците на локалната самоуправа и фондовите. Според мислењето на Судот, по својата природа Законот претставува и мерка која државата, како носител на фискалната политика ја презема во рамките на другите мерки, првенствено, раководејќи се од целокупната економска состојба во Републиката и за спречување на девијантни појави во функционирањето на единиците на локалната самоуправа. Тргнувајќи од вакото сваќање на Законот во целина, а со цел државата да го оствари своето влијание во финансирањето на единиците на локалната самоуправа и нивноато непречено функционирање, со оспорената одредба го уредила прашањето за приходите остварени над утврдените средства за финансирање на јавните потреби за 1997 година на тој начин што тие се насочуваат за финансирање на новоформираните единици на локалната самоуправа и истите претставуваат приходи на овие единици на локалната самоуправа. Потребата од заштита на новоформираните и послабите локални единици налага воспоставување на соодветни мерки од државата и поради финансиска консолидација – изедначување на единиците на локалната самоуправа, а со цел да се отстранат последиците од нееднаквоста на изворните приходи, односно финансиско оптоварување на единиците. Исто така, Судот смета дека со ограничувањето на изворните приходи на единиците на локалната самоуправа не се нарушува самостојноста на единиците, затоа што во определениот квантум на средства од изворните приходи утврдени со Законот, тие самостојно одлучуваат за нивното трошење. Со оглед на тоа што Државата ги утврдува изворните приходи за финансисрање на јавните потреби со закон, па во таа смисла може да ги утврди и да ги ограничи изворните приходи за финансирање и на единиците на локалната самоуправа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од членот 6 од Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 1997 година со означените уставни одредби.
5. Во поглед на навоидте од иницијативата дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со Законот за локалната самоуправа, Судот утврди дека овој суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 81/97)