Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јуни 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 70 точка 29 од Законот за Народната банка на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92, 4/93, 29/93 и 17/96) и
б) член 15-а и член 17 став 2 од Законот за банки и штедилници (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 78/93 и 17/96).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Ѓорѓи Мишев, адвокат од Кавадарци, со решение У.бр.184/96 поведе постапка за оценување уставноста на законите наведени под а) и б) во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 70 став 1 точка 29 од Законот за Народната банка на Република Македонија е предвидено дека Советот на Народната банка одлучува по жалба против решението на гувернерот.
Исто така, Судот утврди дека согласно член 17 став 2 од Законот за банки и штедилници против решението на гувернерот на Народната банка, со кое ја одзема дозволата за работа на банката, може да се поднесе жалба до Советот на банката во рок од 8 дена од денот на доставувањето на решението.
Понатаму, Судот утврди дека согласно член 15-а од Законот за банки и штедилници, против решението на гувернерот на банката со кое го одбива или отфрла барањето за издавање на дозвола за основање на банка и штедилница, може да се поднесе жалба до Советот на Народната банка во рок од 8 дена од денот на доставувањето на решението и дека согласно член 17 став 2 од овој закон, против решението на гувернерот со кое ја одзема дозволата за работа на банката, може да се поднесе жалба до Советот на Народната банка во рок од 8 дена од денот на доставувањето на решението.
Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Од оваа одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против наведените акти, со што го обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето.
Имајќи предвид дека Народната банка на Македонија претставува самостоен орган, формиран од Собранието на Република Македонија, односно дека не влегува во рамките на извршната власт, Судот оцени дека одлучувањето на Советот на Банката во второстепена постапка против решението на гувернерот, донесено во првостепена постапка, кога се има предвид дека гувернерот е член и едновремено претседател на Советот, не е во духот на уставната интенција за гаранција на начелото на двостпеност во одлучувањето, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.184/96)