251/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 јуни 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 2, член 4, член 6, член 7 во делот на “општествената сопственост” и “правото на користење”, член 9 во делот на “правото на користење”, член 12 во делот на “општествените” и “право на користење”, член 13 во делот на “општествените”, член 14 во делот на “општествените” и “општествената сопственост”, член 15 во делот на “општествените” и “самостоен личен труд со средства во сопственост на граѓаните”, член 16 став 1, членовите 17 до 20 во деловите “општественото правно лице”, членовите 22, 24, 25 и 26, член 27 став 1 во делот на “општествено правно лице” и “ако таков нема на Републиката”, член 28 став 1 во делот на “или општествено правно лице”, член 29 став 1 во делот на “па потоа Републиката”, член 29а во делот на називот на органот кој одлучува во име на Републиката, член 30 став 1 во делот на “југословенско државјанство”, член 35 во делот “врз граѓани” и член 36 во делот “на граѓани, здруженија на граѓани или на други граѓански правни лица” од Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на СРМ” бр.36/75, 10/79, 51/88 и “Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 4/93).

2. СЕ ЗАПИРА ПОСТАПКАТА за оценување уставноста на целината на Законот, односно на одредбите на членовите 1, 3, 5, 8, 10, 11, 21, 33 и 37, како и деловите на одредбите од Законот, што не се укинуваат според точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Виктор Алексов адвокат од Скопје, со Решение У.бр.251/96 од 26 февруари 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека со Законот за промет со земјишта и згради, донесен во 1975 година, се определуваат условите и постапката под кои се врши прометот на земјишта, згради и посебни делови од згради (недвижности).

Покрај општите одредби (член 1-11 од Законот), со одредбите на глава ИИ (член 12 – 22 од Законот) се уредува прометот со земјишта, згради и посебни делови од згради, со глава ИИИ (член 23 – 30 од Законот) се уредува првенственото право за купување на недвижности, со глава ИВ (член 31 и 32 од Законот) се уредуваше преминувањето во општествена сопственост на недвижност на која постои право на сопственост која е укината со измените од 1991 година, а со останатите три глави од Законот (член 33 – 40) се уредуваат прашањата за постапката за заверка на договорите, казнените и преодните и завршни одредби.

Според член 2 од Законот, земјоделските земјишта во општествена сопственост можат да се отуѓуваат под услови определени со овој или друг закон, градежните земјишта во општествена сопственост не можат да се отуѓуваат, но врз нив можат да се стекнуваат права определени со закон, а зградите и посебните делови од згради во општествена сопственост можат да бидат во промет под условите определени со закон.

Недвижностите што се во општа употреба, според член 3 од Законот, не се во промет.

Како носители на правото на користење на недвижностите во општествена сопственост, со член 4 од Законот, се: организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, општествено-политичките заедници и други општествени правни лица (општествени правни лица). Тие правни лица можат со правно дело со надоместок или без надоместок да стекнуваат, да отуѓуваат и да пренесуваат недвижности под условите определени со овој закон.

Прометот со недвижности на кои граѓаните имаат право на сопственост, според член 5 од Законот, е слободен ако со овој или со друг закон не е поинаку определено, а како носители на правото на сопственост на недвижност во смисла на овој закон, според членот 6 од Законот, се определуваат: граѓаните, здруженијата на граѓаните и другите граѓански правни лица.

Според член 7, став 1 од Законот со отуѓувањето на зграда на која постои право на сопственост се пренесува и правото на сопственост односно правото на користење и на земјиштето на кое тоа се наоѓа, како и на земјиштето што служи за редовна употреба на зградата, ако со договор не е поинаку определено. Според ставот 2 од овој член, со пренесувањето на правото на сопственост врз зграда подигната на доделено општествено градежно земјиште на користење преминува и правото на користење на земјиштето додека зградата постои, според ставот 3, со отуѓувањето на зградата што е во општествена сопственост, оној што се стекнува со зградата се здобива со правото на користење на тоа земјиште додека зградата постои, а според ставот 4 од овој член на Законот, со пренесувањето на правото на користење или со отуѓувањето на земјоделско земјиште во општествена сопственост, стекнувачот на земјиштето не се стекнува и со право на користење односно со право на сопственост на земјоделска зграда што се наоѓа на тоа земјиште, ако со договорот не е поинаку определено.

Во член 8 од Законот е предвидена можноста од промет на посебни делови од згради, идеални делови од згради, станови и деловни простории, со членовите 9 и 10 се определува формата и дејството на договорот врз основа на кој се стекнува или отуѓува недвижноста, а со член 11 од Законот се уредува дека одредбите на овој закон за стекнување и отуѓување на недвижности се применуваат и на случаите на замена на земјишта, згради и посебни делови од згради.

Во делот на промет со земјишта, згради и посебни делови од згради, се уредува: замената на земјоделското земјиште и стекнувањето и отуѓувањето на згради и одделни делови од згради помеѓу општествените правни лица (член 12 и 13 од Законот); и продажбата на семејните станбени згради и станови и на деловните згради и деловни простории од општествено правните лица на граѓаните и граѓанско-.правните лица (член 14 и 15 од Законот); продажбата на недвижности од страна на општествени правни лица на граѓани, здружение на граѓани и други граѓански правни лица преку јавно наддавање или со понуди (член 16 од Законот); поништување на договорот со кој општественото правно лице продало односно купило недвижност од граѓани или други граѓанско правни лица (член 17 од Законот); склучување и евиденција на договорите за промет со недвижности (член 17б од Законот); инструментите за заштита на интересите на општествените правни лица во прометот со недвижности (член 18-21 од Законот), и откажување од правото на сопственост на недвижност од граѓани, здруженија на граѓани и други граѓански правни лица во корист на Републиката (член 22 од Законот).

Со одредбите за првенствено право за купување на недвижности се уредуваат: правата на сопственикот на земјоделското земјиште доколку општината не ја прифати понудата за првенство на купување (член 24 од Законот); обврските на носителот на правото на сопственост кој има намера да продаде земјоделско земјиште да го понуди на организација на здружен труд која се занимава со земјоделско производство на подрачјето на катастарската општина каде што се наоѓа земјиштето, а ако таква нема на ОЗТ која се граничи со катастарска општина на која се наоѓа земјиштето и правото на предимство на купување на земјиштето од страна на таквата организација, вклучувајќи го и правото на заштита на правото на предимство (член 25 и 26 од Законот); првенственото право на купување на семејна станбена зграда или на стан (член 27 и 28 од Законот); првенственото право за купување на деловни згради и деловни простории од страна на сопственикот на идеален дел, од закуподавачот односно од Републиката (член 29 од Законот); одлучувањето во однос на понудата за првенственото право за купување на недвижноста од член 27 и 29 од Законот во име на Републиката од страна на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија (член 29а од Законот), како и обврските на граѓанин кој поднел барање за отпуст од југословенско државјанство, а сака да продаде недвижност (член 30 од Законот).

Во одредбите за постапката за заверка на договорите (членовите 33, 35 и 36 од Законот) е предвидена обврска примерок од договорот врз основа на кој се пренесува правото на сопственост на недвижности врз граѓани, судот да и доставува на Републичката управа за имотно-правни работи, како и овластувањата на јавниот правобранител.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и: владеењето на правото и правната заштита на сопственоста. Според став 2 од овој член на Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, според ставот 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доборо на поединецот и на заедницата, според ставот 3 од овој член, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а согласно став 4 од овој член на Уставот, во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, а според став 2 од овој член, секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Со член 55 став 2 од Уставот се уредува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Во согласност со член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 56 став 1 од Уставот добрата од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита, а според став 3 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од целината на уставниот концепт по однос на сопственоста, а имајќи ги предвид и другите крупни промени што настануваат во сопственичко-правната сфера, при што општествената сопственост на која во голем дел се темели оспорениот закон нема основ во Уставот и дека со одделни одредби на тој закон, определувајќи ги условите и постапката под кои се врши прометот со недвижности, според мислењето на Судот, се вршат повеќе ограничувања
на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, се утврдува повластена позиција на општествено-правните лица во однос на другите правни субјекти и дека содржи други суштински и терминолошки неусогласености со Уставот, поради што оцени дека дел од одредбите на оспорениот закон не се во согласност со Уставот. Притоа, Судот, исто така смета дека во Законот се содржани и одредби (првенствено право на сосопствениците, соседите и закупците, формата на договорот за купопродажба и неговата заверка и улогата на јавното правобранителство) со чие евентуално укинување би настанале правни празнини и дека дел од нив не се во несогласност со Уставот.

7. а) Тргнувајќи од содржината на член 2 од оспорениот закон со кој се уредува правниот режим на прометот на земјоделското и градежното земјиште и на зградите и посебните делови од згради што се во општествена сопственост, а имајќи предвид дека Уставот го напушта овој вид на сопственост, на кој впрочем се темелеше поранешниот поредок, Судот смета дека овој член не е во согласност со концептот за сопственоста и нејзината правна заштита утврдена со Уставот.

б) Тргнувајќи од тоа дека во член 4 , член 6, член 7 во делот на одредувањето на правниот режим на “општествената сопственост” и во зависност од тоа на “носител на право на сопственост”, односно “правото на користење” и член 9 во делот на “правото на користење”, на сопственоста се приѓа како на несопственичка категорија (субјектот на сопственоста се определува во зависност од тоа дали е правно или физичко лице, дали е општествено-правно или граѓанско-правно лице; содржината на сопственоста се изразува низ две различни вредносни категории – како право на користење и како право на сопственост; носителот на правото на сопственост се става во различна положба, при што, како носител на тоа право се определуваат само граѓаните, здруженијата на граѓаните и граѓанско-правните лица, а не и другите правни субјекти-државата, јавните претпријатија, трговските друштва и слично), според мислењето на Судот, со тој специфичен начин на третирање на сопственоста како резултат на атрбиутите на доминантната општествена сопственост, се ограничува сопственоста што не е во согласност со концептот за сопственоста утврден со Уставот.

в) Во член 12 во делот на “општествените” и “право на користење”, член 13 во делот на “општествените”, член 14 во делот на “општествените” и “општествената сопственост” и во член 15 во делот на “општествените” и “самостоен личен труд со средства во сопственост на граѓаните”, се предвидува право само за општествените правни лица да можат земјоделското земјиште да го заменат со друго земјоделско земјиште или да го продадат само на граѓани, а не и на други правни субјекти, понатаму, се врши двојство, односно различно се третираат субјектите на сопственоста во зависност од тоа дали се работи за општествено или приватно лице, а во зависност од тоа се утврдува и различен приод кон правата што произлегуваат од сопственоста, ограничувајќи ги правата и прометот само на одделна категорија субјекти. На тој начин, според мислењето на Судот, се ограничува сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, што не е во согласност со концептот за сопственоста утврден со Уставот.

г) Според член 16 став 1 од оспорениот закон, продажбата на недвижности од страна на општествени правни лица на граѓани, здружение на граѓани и други граѓански правни лица се врши по пат на јавно наддавање или со поднесување на писмени понуди за купување, а по пат на непосредна спогодба само тогаш кога со продажбата по пат на јавно наддавање, односно по пат на поднесување на писмени понуди не е постигната пазаришната цена на недвижноста што е предмет на продажбата. Со продажбата на недвижностите на начин утврден во овој член, Судот оцени дека се врши ограничување на сопственоста и на правата што произлегуваат од неа, имајќи предвид дека утврдува двоен, односно нееднаков режим на продажба на недвижности во зависност од тоа дали се работи за “општествени правни лица” или за граѓани и граѓанско правни лица, а со утврдените начини за постигнување на пазаришната цена на недвижноста (јавно наддавање, писмени понуди, непосредна спогодба) се преферираат интересите на субјектите на општествената сопственост, како и на самата општествена сопственост, што не е во согласност со концептот за еднаквата правна заштита на сопственоста утврден со членовите 8 и 30 од Уставот.

д) Тргнувајќи од тоа дека во членовите 17 до 20 од оспорениот закон во деловите “општественото правно лице” се утврдува двоен режим на прометот со недвижности, при што се утврдени инструменти за заштита на интересите само на општествените правни лица во прометот со недвижности, а со член 17 б од Законот, таквата заштита се однесува само на прометот на недвижност која е во сопственост на Република Македонија, според мислењето на Судот, оспорените одредби во наведените делови не се во согласност со одредбите на Уставот.

ѓ) Во член 22 од оспорениот закон е предвидена можност со еднострана изјава на граѓани, здруженија на граѓани и други граѓански правни лица да се откажат од правото на сопственост на недвижност во корист на Републиката, која изјава се дава пред Републичката управа за имотно-правни работи усно на записник или со исправа заверена од надлежниот орган. Тргнувајќи од содржината на наведената одредба, а имајќи ги предвид сопственичките права на Републиката како субјект на сопственоста, како и тоа дека едностраното откажување од недвижноста не е условено со обврските што евентуално ја теретат недвижноста, според мислењето на Судот, содржи елементи на нееднаков третман на правната положба на субјектите на пазарот и евентуално неисполнување на обврските од сопственоста, што не е во согласност со член 30 став 2 и член 55 став 2 од Уставот.

е) Тргнувајќи од тоа дека во член 24 од оспорениот закон се утврдуваат правата на сопственикот на земјоделското земјиште доколку општината не ја прифати понудата за првенство на купување, а имајќи предвид дека основот за уредување на тоа прашање престанал со бришењето на член 23 од Законот (член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на Република Македонија”бр.38/91), како и од местото и улогата на општината како единица на локалната самоуправа утврдена со Уставот и Законот за локалната самоуправа, според мислењето на Судот, наведената одредба не е во согласност со Уставот.

ж) Поаѓајќи од тоа дека со членовите 25 и 26 од оспорениот закон се утврдува првенствено право за купување на земјоделско земјиште од страна на организација на здружениот труд која се занимава со земјоделско производство, со што се создава нееднаква правна положба на субјектите на пазарот, профилирејќи го само интересот на “организациите на здружениот труд” односно општествениот капитал во тие организации во однос на другите правни субјекти на сопственоста и се вршат повеќе ограничувања на сопственоста, поради што Судот оцени дека тие одредби не се во согласност со концептот на сопственоста утврден со Уставот и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот.

з) Тргнувајќи од тоа дека во член 27 став 1 во делот на “општествено правно лице” и “ако таков нема на Републиката” и во член 28 став 1 во делот “или општествено правно лице”, се преферираат интересите на носителите на општествената сопственост, со што се создава нееднаква правна положба на субјектите на пазарот и се ограничуваат правата на другите субјекти на сопственоста, поради што Судот оцени дека тие одредби во наведениот дел не се во согласност со одредбите на Уставот.

ѕ) Имајќи предвид дека со член 29 став 1 во делот на “па потоа Републиката” се утврдува првенствено право на Републиката на деловни згради и деловни простории и дека на тој начин Републиката како носител на сопственост на недвижност се доведува во привилегирана положба во однос на другите субјекти на сопственоста, според мислењето на Судот, одредбата во наведениот дел не е во согласност со одредбите на членовите 30 и 55 од Уставот.

и) Одредбата на член 29а од оспорениот закон во делот на називот на органот кој одлучува во име на Републиката, Судот утврди дека терминолошки не е усогласен.

ј) Член 30 став 1 во делот на “југословенско државјанство” Судот оцени дека не е во согласност со Уставот.

к) Член 35 во делот “врз граѓани” и член 36 во делот “на граѓани, здруженија на граѓани или на други граѓански правни лица”, Судот смета дека не е во согласност со концептот на сопственоста утврден со Уставот.

8. Тргнувајќи од содржината на член 1 од Законот со кој се определува предметот на уредување на овој закон; дека според член 3 недвижностите што се во општа употреба не се во промет; дека прометот со недвижности на кои граѓаните имаат право на сопственост, според член 5 е слободен, ако со овој или друг закон не е поинаку определено; дека според член 8 во промет можат да бидат и посебни делови од згради; со член 10 се определува правното дејство на договорот, а со член 11 се упатува на примена на овој закон во случај на замена на земјиште, згради и посебни делови од згради, понатаму, дека според член 21 пред склучување на договор за купопродажба се бара мислење од јавниот правобранител, според член 33 се предвидува обврка за судовите да внимаваат на ништовноста на договорите, а според член 37 се утврдени казнените одредби, и дека како со наведените одредби, така и со деловите на одредбите што не се укинуваат, Судот смета дека со нив се уредуваат прашања со кои не се ограничува сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, поради што утврди дека тие се во согласност со Уставот.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.251/96)