Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 мај 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на одлуките за забрана на закоп во старите гробишта и вршење ископ и пренос на посмртните остатоци од старите во новите гробишта, донесени од Собранието на општина Прилеп на 6 ноември 1981 година и 23 мај 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здружението на граѓаните за заштита на старите гробишта во Прилеп и нивно активирање претставувано од Методија Богоевски од Прилеп му поднесе иницијатива за оценување законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение затоа што гробиштата претставувале споменици на културата и дека граѓаните биле против нивното преселување. Без други наведени причини тие сметаат дека одлуките не се во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека според член 1 од Одлуката се забранува закопување на умрени лица на постојните гробишта во месноста “Рид” и Населбата “Варош” почнувајќи од 15 ноември 1981 година, а закопувањето на умрените лица во Прилеп почнувајќи од 15 ноември 1981 година ќе се врши во новите гробишта во месноста “Песнобрци”. Согласно член 2 се задолжуваат фамилиите на умрените лица закопани во старите гробишта почнувајќи од 15 ноември 1982 година во рок од 10 години да ги пренесат посмртните остатоци од старите гробишта. Ископот и пренесувањето ќе го врши ООЗТ “Комунална хигиена” согласно Правилникот за пренесување на умрени лица. Според член 3 од Одлуката ако во определен рок се утврди дека нема заинтересирани лица и фамилии гробовите кои нема да бидат преселени ќе бидат преселени од ООЗТ “Комунална хигиена”, а доколку фамилиите на умрените лица се познати и не го извршиле преместувањето тоа исто така ќе го направи ООЗТ “Комунална хигиена” на трошок на фамилиите.
Според Основниот урбанистички план на градот Прилеп делот на старите гробишта се задржува со планот, но тој е конзервиран и на него не се предвидува никаква планска и друга релаизација додека не помине рокот на конзервација утврден со закон.
4. Според член 2 од Законот за заштита на спомениците на културата (“Сл. Весник на СРМ” бр.24/73) споменици на културата во смисла на овој закон се недвижни и движни предмети кои поради своите уметнички, научни и други вредности и значење за историјата и културата воопшто, а посебно за историјата и културата на македонскиот народ и на народностите и етничките групи во Република Македонија, научно-истражувачка, културно.-уметничка и образовно-воспитна функција, како културни добра се од посебно значење за државата. Според член 34 од Законот својство на споменик на културата како и губење на ова својство го утврдува со решение надлежниот завод.
Од изнесените одредби произлегува дека Законот за заштита на спомениците на културата точно определил кои предмети претставуваат споменици на културата и дава овластување на надлежниот завод со решение да ги прогласува спомениците на културата. Притоа, согласно законот се заштитуваат античките споменици на културата и средновековните споменици на културата.
Според Законот за обележување, уредување и одржување на гробиштата и гробовите на борците погребани на територијата на Република Македонија и во странство како и на припадниците на странските армии од пореанешните војни на територијата на Република Македонија (“Сл. Весник на РМ” бр.13/96) се уредува обележувањето, уредувањето, одржувањето и евиденцијата на гробиштата и гробовите, собирање и пренесување на посмртните остатоци од НОБ на Македонија и во странство. Според член 7 од Законот гробовите и гробиштата формирани на места од историско значење (места на големи битки, места на масовни убиства) не можат да се пренесуваат освен од оправдани причини. За оправданоста на причините одлучува министерот за труд и социјална политика на предлог на Комисија формирана од истото министерство.
Од изнесените одредби произлегува дека под посебна заштита се само гробовите и гробиштата, спомен костурниците и други обележја на борците од НОБ и национално ослободителните војни на Република Македонија и дека за нивно преселување посебен пропис донесува министерот за труд и социјална политика.
Со оглед на тоа што со оспорените одлуки се предвидува преселување на гробиштата во Општина Прилеп, а тие не претставуваат споменици на културата, во смисла на цитираните законски одредби, Судот оцени дека не би можело да се постави прашањето за нивната согласност со цитираните законски одредби.
Понатаму, согласно член 1 од Законот за гробишта (“Службен весник на СРМ” бр.18/73) гробишта во смисла на овој закон се земјишта кои служат за закоп на умрените како и земјишта на кои постојат видливи знаци за закопување на умрените.
Членот 2 на овој закон предвидува горбиштата да се определуваат на места предвидени со урбанистичкиот план или на места определени со посебна одлука на општината.
Големината на просторот за нови гробишта, согласно став 3 на овој член од Законот, треба да обезбеди закоп на умрените за време најмалку од 30 – 50 години, зависно од порастот на населението и процентот на смртноста.
Согласно членот 5 од Законот, употребата на гробиштата престанува кога општината ќе утврди дека нема повеќе место за закоп или ако е тоа нужно од санитарни односно урбанистички причини.
Членот 6 од Законот предвидува гробиштата на кои се врши закоп на умрените да можат да се користат за нова намена по истекот на 20 години од престанокот на закопувањето ако е земјиштето суво, а по истекот на 30 години ако е земјиштето влажно.
Ставот 2 на овој член од Законот предвидува дека роковите од претхдониот став можат да се скратат ако гробиштата се користат за паркови.
Согласно член 12 од Законот, употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината.
Ставот 2 на овој член од Законот, ја овластува општината да ја определи организацијата што ќе управува со гробиштата, врз основа на правилата што ќе ги утврди општината во зависност од големината и карактерот на населеното место.
Од наведените одредби од Законот, произлегува дека гробови се оние делови од земјиштето во кои е закопан лешот на човекот и како такви претставуваат ствари, кои додека е во нив лешот, се исклучени од граѓанско-правниот промет односно подлежат на административно правно регулирање, како што е сторено во конкретниов случај.
Исто така, од изнесените законски одредби се гледа дека општината е овластена: да утврдува кога употребата на гробиштата треба да престане од законски определени причини (нема повеќе место за закоп или од саниратни причини); со свој пропис да ја регулира употребата на гробиштата и да ја определува организацијата што ќе управува со гробиштата.
Законодавецот, пак, ја определил и новата намена на гробиштата, со тоа што истата ја услови со протек на временски интервал од 20 односно 30 години, од престанокот на закопувањето, во зависност од квалитетот на земјиштето (суво или влажно).
Имајќи ги предвид изнесените законски одредби наспроти оспорената одлука, Судот оцени дека општината има законско овластување да забранува употреба на одредени гробишта и да ја определува нивната нова намена, како и да предвидува задолжително пренесување на посмртните останки од старите на новите гробишта.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Милан Недков, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.28/97)