Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 мај 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93 и 71/96).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, д-р Богољуб Златански од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со Законот за даноците на имот не биле дефинирани повеќе прашања што се однесувале на оданочувањето на сопствениците на становите, како резултат на што оспорената одредба била нејасна, односно овозможувала двојно третирање на еден ист граѓанин и нерамноправно третирање на граѓаните кои имаат стан во кој не живеат и оние во кој живеат, што не било во согласност со член 9 и член 54 став 3 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 7 од Законот, обврзникот на данокот на имот на станбена зграда или стан, во кој живее со членовите на семејството има право на намалување на пресметаниот данок во висина од 50%.
4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. По овие основи, согласно член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот не може да биде дискриминаторско.
Со член 33 од Уставот е утврдено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Со одредбите на членовите 2 до 8 од Законот за даноците на имот се уредени прашањата за предметот на оданочување, даночниот обврзник, даночната основа, даночните стапки и даночните ослободувања и олеснувања од данокот на имот. Во таа смисла, предмет на оданочување е сопственоста на недвижен имот, меѓу кои се станбените згради или станови, обврзник е сопственикот на имотот, основата е пазарната вредност на имотот, а стапката изнесува 0,10%. Во делот за даночните ослободувања и олеснувања, покрај таксативно наброените случаи за кои не се плаќа данок на имот, е содржана и оспорената одредба од Законот.
Тргнувајќи од наведените одредби јасно произлегува дека обврската за плаќање на данокот на имот, неговите обврзници и нивните олеснувања при плаќањето на данокот, се право на законодавниот орган, што тој ги уредил со Законот. Со оспорената одредба, во конкретниот случај, според мислењето на Судот, не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните, ниту, пак, се ограничуваат нивните права и слободи. Имено, даночното олеснување за обврзникот на данокот на имот за станбената зграда или стан во кој живее со членовите на семејството, не значи дискриминаторски однос, бидејќи граѓаните како сопственици на стан во кој живеат и граѓаните како сопственици на стан во кој не живеат, не се наоѓаат во еднаква правна положба, а предвиденото олеснување за даночните обврзници, со оспорената одредба се однесува еднакво за сите граѓани што се наоѓаат во таква положба. Со оглед на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 7 од Законот со напред наведените одредби од Уставот.
Во однос на наводите во иницијативата за недефинираноста со Законот на повеќе прашања што се однесуваат на оданочувањето на сопствениците на становите, Судот не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.77/97)