Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 мај 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/96), во делот означен како член 19-а.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Јосиф Спасески од Струга, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало работниците-технолошки вишок на Стопанска банка – АД Скопје да не ги остваруваат правата од членовите 127 и 129 од Законот за работните односи, што значело нивно ставање во нееднаква, понеповолна положба во однос на работниците-технолошки вишок кај други работодавци, поради што таа одредба не била во согласност со начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека законската одредба била предмет на оценување од аспект на нејзината согласност со уставното начело на еднаквост, при што е одлучено да не се поведе постапка затоа што правата на вработените се уредуваат со закон (член 32 став 5 од Уставот) и што оспорената одредба е донесена во поинакви услови (санација и реорганизација на Стопанска банка – АД Скопје) од условите кај другите работодавци, па поинаквиот рок и критериум за престанок на работниот однос на работниците-технолошки вишок во Банката не може да се смета како нивна нееднаквост со работниците кај другите работодавци.
Понатаму, Судот смета дека сега нема основи за поинакво одлучување од она што е порано одлучено.
Со оглед на тоа што оспорената законска одредба била предмет на оценување од наведениот аспект, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата пропишани во член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.85/97)