У.бр.150/1995-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на

а) член 36 став 1 и 2 и член 41-а од Законот за радиодифузија (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/74 и 2/95) и

б) Уредбата за начинот на пријавување и одјавување на радиодифузни приемници, за водење на евиденцијата и за начинот за собирање и плаќање на надоместокот за користење на радиодифузни приемници (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/95).

2. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.106/95, 107/95, 126/95, 136/95, 144/95, 150/95 и 151/95 донесено на 5 април 1995 година, по поднесени иницијативи од повеќе групи граѓани, поведе постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од Законот и Уредбата означени во точка 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека на 24 април 1997 година Собранието на Република Македонија го донесе Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/97) со кој престана да важи оспорениот Закон за радиодифузијата и оспорената Уредба на Владата на Република Македонија.

4. Согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот или другиот пропис престанал да важи, а не наоѓа причини за оценување на неговата уставност во време на важењето, односно, согласно член 70 алинеја 6 од Деловникот, ако не најде причини за поништување на Законот односно прописот што престанал да важи.

Со оглед на тоа што оспорениот закон и оспорената уредба престанаа да важат, а спорните прашања се поинаку уредени со новиот закон Судот оцени дека не постојат основи за натамошно водење на постапката, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.106/95, 107/95, 126/95,136/95, 144/95, 150/95 и 151/95)