Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 мај 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 7 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/95), во делот “најмногу за време од 3 години од престанокот на правното лице”.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Ленче Пенева од Битола, Борис Стојкоски од Скопје и Претпријатието – Рудници за олово и цинк “Саса” од Македонска Каменица, со Решение У.бр.279/95 и У.бр.359/95 од 26 март 1996 година поведе постапка за оценување уставноста на наведениот дел од означената законска одредба, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 34 и член 35 став 1 од Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека, според член 7 став 2 од Законот, кога на инвалидот на трудот со преостаната работна способност му престане работниот однос заради престанок на правното лице поради стечај или ликвидација, средствата за исплата на паричните надоместоци од член 54 како паричен надомест до вработување и за правото од член 47 став 3 ги обезбедува фондот најмногу за време од 3 години од престанокот на правното лице.
5. Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор а, според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека со закон се определува правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, почитувајќи го притоа начелото на социјална праведност.
Со оглед на тоа што со наведената законска одредба се определува инвалидот на трудот со преостаната работна способност да има право на паричните надоместоци најмногу за време од 3 години, ако му престане работниот однос поради стечај или ликвидација на правното лице, Судот оцени дека таквото законско решение, во наведениот дел, не ги обезбедува начелата на социјална сигурност и социјална праведност утврдени во изнесените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.279/95, У.бр.359/95)