69/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 14 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за висината на доплатната премија за издавање зелени карти, донесена од Управниот одбор на Националното биро за зелена карта од Скопје на 14 ноември 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Лазаров од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со Законот за осигурување имоти и лица односно со неговите одредби 61,64 и 79, од причини што со неа било предвидно воведување на дополнителна премија за издавање на зелен картон, со што се воведувало двојно задолжително осигурување на моторни возила. Добивањето на зелен картон, со законот не било условено со посебна доплата на премија, туку истиот автоматски му следува на секој сопственик на моторно возило кој имал важечка регистрација на возилото.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука е предвидено заради обезбедување на повисокото осигурително покритие при патување со моторно возило во странство од износите пропишани во член 74 став 1 од Законот за осигурување имоти и лица друштвата за осигурување кои се занимаваат со осигурување на сопствениците, односно корисниците на моторни возила од одговорност за штета причинета на трети лица ќе наплатуваат доплатна премија.

Според член 2 од Одлуката доплатната премија ќе се наплатува при издавање на зелени карти од страна на осигурувачите на Република Македонија, а по овластување на Националното биро за зелена карта на Република Македонија, при што е утврдена висината на доплатната премија во зависност од видот на возилото и времетраењето на осигурувањето.

Во член 3 од Одлуката е предвидено дека обврската на осигурувачот по издадените зелени карти е до висината на обврската предвидена со прописите на посетената земја. Ако исплатениот надомест на штета причинета во странство е поголем од лимитот на покритие утврден со Законот осигурувачот што го исплатил надоместокот нема право, од лицето одговорно за штета да ја бара разликата меѓу исплатениот износ и износот на кој е ограничена обврската.

Судот исто така утврди дека по поднесена иницијатива од истиот подносител веќе ја оценувал означената одлука, и со Решение У.бр.110/96 од 20 ноември 1996 година не повел постапка за оценување на нејзината законитост, затоа што оценил дека од одредбите на Законот за осигурување имоти и лица произлегува дека осигурувањето за штета причинета на трети лица со моторно возило е задолжително, при што сопствениците односно корисниците на моторно возила се должни да склучат договор за осигурување од авто-одговорност, под услови што ги пропишува друштвото за осигурување, при што од Законот произлегува дека е предвидена различна одговорност на друштвото за осигурување во случај на штета предизвикана со возило на територијата на Република Македонија и за штета предизвикана во друга држава.

Имајќи ги предвид означените законски решенија Судот изразил став дека е право на друштата за осигурување да ги утврдат условите под кои ќе го вршат задолжителното осигурување, да ја утврдат премијата за осигурување, а во тие рамки да утврдат и доплатна премија за осигурување од авто-одговорност за штета што може осигуреникот да ја предивзика во странство, односно за издавање на зелена карта која претставува доказ дека е склучен договор за задолжително осигурување од авто-одговорност за штета предизвикана во странство.

Со оглед на тоа што во тарифата на друштвата за осигурување кои го основале Националното биро е предвиден основ за плаќање на дополнителната премија за издавање на зелена карта, што значи дека осигурителните друштва се движеле во рамките на законското овалстување да ги утврдуваат премиите за осигурвање во зависност од ризикот и одговорноста на друштвото, а Националното биро ја утврдува само висината на оваа премија, Судот оценил дека тоа не е во несогласност со одредбите на Законот за осигурување имоти и лица.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал законитоста на оспорената одлука, а сега не наоѓа причини за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.69/97)