202/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 мај 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 141 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива од Коста Нојков – адвокат од Велес, со Решение У.бр.202/96 од 12 февруари 1997 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената законска одредба се предвидува против решението донесено во прв степен на фондот односно кај работодавецот, осигуреникот, корисникот на пензија или членот на семејството да има право на жалба до второстепениот орган на фондот односно кај работодавецот во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Понатаму, Судот утврди дека Фондот има својство на правно лице (член 8 став 2 од Законот), дека дејноста на Фондот е од јавен интерес (член 9 од Законот) и дека Фондот има статут со кој се уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, како и правата, обврските и одговорностите на органот на управување на Фондот – Управниот одбор кого го сочинуваат членови именувани од Владата на Република Македонија (членови 162 и 169 од Законот). Притоа, според член 46 од Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/94) решение за право од пензиското и инвалидското осигурување во прв степен донесува, по овластување од директорот на Фондот, раководителот на подрачната единица на фондот на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен, а според член 47 од Статутот, решение за право на пензиското и инвалидското осигурување во втор степен донесува комисија на Управниот одбор на Фондот.

Од наведените одредби произлегува дека фондот е институција со јавни овластувања и дека таа институција решава за остварување на право од пензиското и инвалидското осигурување и во прв и во втор степен.

5. Според член 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен, покрај другото, и од институција која врши јавни овластувања.

Со оглед на тоа што со член 141 став 1 од Законот се предвидува ист орган (Фондот) да решава во прв и во втор степен за остварување на право од пензиското и инвалидското осигурување, а не по жалба за тоа да одлучува орган кој не учествувал во одлучувањето во прв степен, Судот оцени дека оспорената законска одредба не е во согласност со наведениот член 15 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.202/96)