256/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 април 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на точка 3 став 2 од Одлуката за Методологијата на утврдување на каматните стапки на депонираното девизно штедење спрема каматите во земјите на домицилните валути, донесена од Владата на Република Македонија на 28 декември 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.83/92)

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стефан Стефановски од Скопје му поднесе иницијатива зта оценување уставноста и законитоста на точката 3 став 2 од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што за девизните штедни влогови на име данска круна, не предвидувала каматна стапка во висина на домицилната камата, што не било согласно со Уставот и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека според точка 3 став 2 од Одлуката на девизното штедење во другите валути кои не се наведени во точка 2 на ова решение, каматната стапка се определувала во височина на најниската каматна стапка утврдена со оваа одлука за секоја категорија на рочност.

4. Согласно член 60 став 2 од Уставот, Народната банка на Македонија е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањето во Републиката и кон странство.

Ставт 2 на овој член од Уставот предвидува организацијата и работата на Народната банка да се уредуваат со закон.

Во членот 16 став 2 од Законот за Народната банка на Македонија (пречистен текст) е предвидено дека Народната банка на Македонија, ги утврдува сите каматни стапки по кои се плаќа камата на депонирани средства кај Народната банка на Македонија.

Согласно член 73 став 2 од Законот за девизното работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/93)на девизите на девизните сметки и на девизните штедни книшки, на домашните физички лица овластените банки им плаќаат камата во денари или во девизи.

Член 67, пак, од Законот за Народната банка на Македонија, меѓу другото, го овластува говернерот на Банката да донесува одлуки и други општи акти од областа на работењето на Народната банка.

Согласо член 45 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/90), во извршувањето на законите и другите прописи и општи акти Владата донесува уредби, одлуки, упатства, решенија и заклучоци.

Од наведените одредби произлегува дека Владата на Република Македонија ја донела оспорената одлука согласно Законот за Владата на Република Македонија со цел за извршување на Законот за Народната банка на Македонија и Законот за девизното работење и дека од овластувањето на Народната банка на Македонија да обезбедува каматна стапка а депонираните штедни влогови, односно депонираните девизни штедни влогови, не произлегува задолжение за Банката на овие штедни влогови да обезбедува еднаква каматна стапка, односно каматна стапка што ќе соодветставува на нивната домицилна камата, независно од видот на валутата во која е депониран влогот.

Од наведените одредби, исто така, произлегува дека Народната банка на Македонија е самостојна во својата работа, дека истата е овластена да ги определува каматните стапки по депонираните средства, дека на девизите на девизните сметки и девизните штедни книшки физичките лица добиваат камата во денари или девизи и дека гувернерот на Народната банка донесува одлуки во врска со работењето на Народната банка, а дека Владата на Република Македонија, меѓу другите акти, со цел за извршувањето на законите донесува одлуки, како што постапила во конкретниов случај со донесувањето на оспорената Одлука за Методологијата на утврдување на каматните стапки на депонираното девизно штедење спрема каматите на домицилните валути.

Што се однесува до прашањето за повреда на начелото на еднаквоста на граѓаните, на кое подносителот на иницијативата се повикува нагласувајќи дека за одреден вид на валути, наведени под точките од 1 до 7 од Одлуката, се предвидувале каматни стапки во висина на нивните домицилни камати, додека за другите валути овој принцип не важел, имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, Судот оцени дека овој навод не стои од причина што, законодавецот зборува за обврска на банката да исплатува каматни стапки на депонираните штедни влогови но, притоа, не предвидува висината на каматните стапки да соодветставува на домицилната камата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов. (У.бр.256/96)