113/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеа 1од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 април 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ Одлуката бр.03-162/1 од 5.05.1995 година и Одлуката бр.03-193/1 од 27.09.1995 година, донесени од Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Менсур Абдулаи од Дебар, со решение У.бр.113/96 од 29 јануари 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и со одредбите од Законот за општите начела на самопридонесот (“Службен весник на СРМ” бр.27/78).

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената Одлука бр.03-162/1 од 5.05.1995 година, донесена од Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар, била воведена обврска за сите граѓани на градот Дебар да плаќаат износ од 30,00 денари месечно, почнувајќи од месец мај 1995 година, заради обезбедување на дел од средствата кои биле потребни за изведување на работите за обезбедување на вода за пиење на делови од градот Дебар, со тоа што овие средства биле наплаќани од граѓаните од страна на Јавното комунално претпријатие “Стандард” – Дебар, преку сметките за вода и смет.

Со Одлуката бр.03-193/1 од 27.09.1995 година, донесена од Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар, била воведена обврска за сите домаќинства во град Дебар да плаќаат износ од 15,00 денари месечно, почнувајќи од месец март 1996 година, како дел од средствата кои биле потребни за обезбедување на плата на работник за вршење на работни задачи – уништување на кучиња скитници, кој што износ, исто така, бил наплаќан преку сметките за вода и смет.

Судот утврди дека на донесувањето на оспорените одлуки не му претходела постапка за воведување на самопридонес со изјаснување на граѓаните по пат на референдум, туку истите биле донесени на начин што за проблемот за проширувањето на водоводната мрежа и за уништувањето на кучињата скитници било повеќе пати расправно во месните заедници на градот, а потоа проблемот бил разгледан и во Општинскиот одбор на месните заедници. По извршените консултации во месните заедници во градот, била одржана проширена седница на Општинскиот одбор на месните заедници, каде што присутните едногласно одлучиле граѓаните да учествуваат со финансиски средства во реализирањето на наведените работи, кое што мислење потоа било поддржано и на седниците на Советите на месните заедници од градот.

5. Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки, а според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Согласно Законот за општите начела на самопридонесот (“Службен весник на СРМ” бр.27/78), работните луѓе и граѓаните можат со самопридонес да здружуват средства и труд за задоволување на определени заеднички интереси и потреби во месната заедница, односно општината во согласност со општите начела утврдени со овој Закон.

Членот 2 од овој Закон утврдува дека самопридонес може да се воведува заради остварување на заеднички интереси и солидарно задоволување на заедничките потреби на работните луѓе и граѓаните од напосреден интерес за животот и работата на луѓето и нивните семејства во месната заедница во областа на уредувањето на населбата, станувањето, комуналните дејности, детската и социјалната заштита, образованието, културата, физичката култура, заштита на потрошувачите, заштитата и унапредувањето на човековата околина, народната одбрана, општествената самозаштита и другите области на животот и работата. Согласно членот 3 став 2, самопридонесот може да се воведе и за подрачјето на општината како целина ако служи за остварување на заедничките интереси и за задоволување на заедничките потреби на работните луѓе и граѓаните во таа општина.

Според член 6 од овој Закон, за воведување на самопридонес за подрачјето на месната заедница односно за подрачјето на општината како целина, работните луѓе и граѓаните одлучуваат со референдум.

Согласно член 17 од овој Закон, самопридонесот се смета за воведен ако за него со референдум (односно со писмени изјави ако се работи за станбен блок, улица или слично), се изјаснат повеќе од половината од работните луѓе и граѓаните запишани во избирачкиот список на подрачјето за кое се воведува самопридонесот.

6. Од содржината на оспорените одлуки бр.03-162/1 од 5.05.1995 година и 03-193/1 од 27.09.1995 година, донесени од Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар, како и од наводите во одговорите на иницијативата, Судот утврди дека со овие одлуки била воведена обврска за граѓаните на градот Дебар да плаќаат износ од 30,00 денари, односно 15,00 денари, на кој што начин била воведена јавна давачка без за тоа да постои уставен и законски основ, со оглед на тоа што, согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, единствено Собранието на Република Македонија е овластгено да воведува јавни давачки. Тоа значи дека Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар не бил овластен да воведува даноци и јавни давачки поради што Уставниот суд оцени дека оспорените одлуки не се во согласност со цитираните уставни и законски одредби и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.113/96)