8/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр.70/92), на седницата одржана на 2 април 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за дополнување на Одлуката за определување највисоки цени на ПТТ услуги, донесена од Владата на Република Македонија на 30 декември 1996 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на:
– Одлуката за измена на ценовникот на ПТТ услуги во внатрешниот сообраќај, донесена од Управниот одбор на ПТТ сообраќај Македонија на 20 декември 1996 година, и

– Одлуката за одредеување висината на надоместокот за добивање на телефонски и телекс приклучок, донесена од Управниот одбор на ПТТ сообраќај Македонија на 20 декемвеи 1996 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Димитар Митрушевски од Скопје, Петко Кленковски од Струга, Методија Богоевски и 126 потписници од Прилеп, Лукаров Станко од Велес, Миле Оровчанец од Велес, Гоце Спирковски од Прилеп и Тимислав Стојановски од Битола, му поднесоа иницијативи за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативите оспорените одлуки донесени од ПТТ сообраќај Македонија не биле во согласност со начелото на слобода на пазарот и претпримеништвото, начелото на еднаквоста и Законот за облигациони односи затоа што со нив се утврдувало корисниците на телефон да плаќаат претплата, односно однапред утврден износ без оглед на тоа дали го користат или не телефонскиот приклучок, затоа што со намалување на надоместокот за телефонски приклучок корисниците кои претходно го платиле надоместокот и на кои им е вграден телефонски приклучок ги финансира идните корисници, и зато ашто оспорените одлуки не биле објавени. Оспорената одлука на Владата на Република Македонија не била во согласност со Уставот и законот затоа што Владата немала овластување да ја донесе оспорената одлука и таа не можела да стапи во сила пред истекот на осум дена од денот на нејзиното објавување.

Со иницијативата се бара Судот да изрече времена мерка.

4. На седницата Судот утврди дека на 20 декември 1996 година Управниот одбор на ПТТ Македонија донел Одлука за измена и дополнување на Ценовникот на ПТТ услуги во внатрешниот сообраќај во која се утврдени цените на единечните и двојничките приклучоци од прва и втора категорија претплатници и е утврдено времетраењето на еден импулс во регионалниот и меѓумесниот телефонски сообраќај во период на интензивен и слаб сообраќај.

Исто така Судот утврди дека на 20 декември 1996 година Управниот одбор на ПТТ сообраќај донел одлука за одредување на висината на надоместокот за добивање на телефонски и телекс приклучок во износ од 500 ДМ во денарска противвредност.

5. Според член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и колективните договори со Уставот и со законот.

Со оглед на тоа што со оспорените одлуки се утврдува цената на ПТТ услугите и висината на надоместокот за телефонски приклучок, Судот смета дека тие се акти на работење на претпријатието, односно тие не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што не е надлежен да одлучува за нив.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Понатаму, Судот утврди дека на 30 декември 1996 година Владата на Република Македонија донела одлука за дополнување на Одлуката за определување на највисоките цени на ПТТ услугите во која е предвидено дека во точката 1 во став 1 се додава нов став кој гласи: под цени од став 1 на оваа одлука се подразбираат и цените на Одлуката за измени и дополнувања на Ценовникот на ПТТ услугите во внатрешниот сообраќај бр.31964/1 од 20 декември 1996 година.

Понатаму, во Одлуката е предвидено дека таа влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија.

Според член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Македонија најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување.

Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието со денот на објавувањето.

Според член 24 од Законот за трговија (Службен весник на Република Македонија бр.23/95) против монополската положба и монополското однесување на пазарот, Владата презема меркина определување на највисоки цени на одделни производи и услуги во производството и прометот и мерката за определување на највисоки цени на одредени производи и услуги може да трае најдолго 6 месеци.

Од изнесените одредби произлегува дека законите и прописите се објавуваат пред да влезат во сила и тие треба да бидат објавени најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување. Притоа, Уставот само за законите утврдил дека тие можат да влезат во сила најрано 8 ден од денот на објавувањето или по исклучок со денот на објавувањето а додека за другите прописи не ја утврдил оваа обврска. Според тоа, Судот смета дека одлуката на Владата можела да влезе во сила наредниот ден по објавувањето а не и по истекот на рокот од 8 дена како што е тоа предвидено за законите, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 од Уставот.

Исто така, Судот смета дека Владата согласно член 24 од Законот за трговија, била овластена да го определи највисокото ниво на цените на ПТТ услугите, поради што оспорената одлука и од овој аспект не е во несогласност со Законот за трговија и одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Во врска со барањето за изрекување времена мерка Судот оцени дека не се исполнети условите за изрекување времена мерка согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.8/97)