248/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 од Правилникот за начинот на пресметување и уплатување на данок од добивка и спречување на двојно ослободување или двојно оданочување (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Александар Тортевски од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на членот 2 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал основица за пресметување на данок од добивка да претставуваат и износите од пресметаните но, неисплатените плати, што било несогласно со Уставот и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 2 од Правилникот, данокот од добивка се пресметува и се плаќа според образецот “ДБ” – Даночен биланс, кој е составен дел на овој правилник.

Исто така, Судот утврди дека точката 4 од главата Усогласување на расходите за износи кои не се признаваат како одбитни ставки за пресметување на даночната основа од Даночниот биланс, како елемент при утврдувањето на основицата за пресметување на данокот од добивка го предвидува неисплатениот дел од пресметаните плати.

4. Согласно член 33 од Уставот секој граѓанин е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Како што се гледа од оваа одредба, Уставот упатува обврската на граѓаните во смисла на начинот на плаќање данок и други јавни давачки да се уреди со закон.

Согласно оваа уставна одредба е донесен Законот за данок од добивка со кој се воведува истоимениот данок и се уредува начинот на плаќањето на добивката.

Така, со членот 1 од овој закон е предвидено дека со него се воведува данок од добивка и се уредува начинот на оданочувањето на добивката.

Според членот 3 од Законот пресметувањето и плаќањето на данокот од добивка го врши обврзникот на данокот од добивка.

Даночен обврзник според овој закон (член 4) е правно лице и физичко лице кое врши регистрирана дејност (субјект) – резидент на Република Македонија кој остварува добивка од вршење на дејноста во земјата и во странство.

Основа за пресметување на данокот од добивка според член 8 од Законот е добивката која се утврдува во даночниот биланс, а разликата меѓу вкупните приходи и вкупните расходи ја претставува добивката.

Исто така, согласно член 14 од овој закон пресметаните бруто плати на вработените се признаваат во целина како одбитна ставка на товар на деловните расходи за перидот за кој се утврдува добивката, до висина на исплатениот износ.

Од наведената законска одредба јасно произлегува дека неисплатениот дел од пресметаните плати не може да се засметува во одбитните ставки на товар на деловните расходи, бидејќи прикажаните расходи фактички не се направени (резервираните средства за пресметаните плати не се исплатени).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека министерот за финансии согласно овластувањето од член 49 од Законот за данок од добивка го донел Правилникот за начинот за пресметување и уплатување на данок од добивка и спречување на двојно ослободување или двојно оданочување со кои е одреден начинот на пресметување на данокот од добивка. Во оспорената одредба во член 2 од Правилникот е регулирано дека данок од добивка се пресметува и се плаќа според образецот “ДБ” – Даночен биланс”, а кој е составен дел на Правилникот.

Во главата “Утврдување на основицата за пресметување на данок од добивка” е одредбата од точката 4 – неисплатен дел од пресметаните плати кој не се признава како одбитна ставка за пресметување на даночната основа. Ваквата одредба од даночниот биланс наполно кореспондира со одредбата од член 14 од Законот за данок од добивка, поради што Судот смета дека министерот за финансии се движел во рамките на овластувањата што ги има со Закон, и дека оспорената одредба од Правилникот е во функција за определување за начинот на пресметување, уплатување на данокот од добивка и спречување на двојно ослободување и двојно оданочување

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.248/96)