259/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на правните правила за проценка на надоместување на штети на АД за осигурување и реосигурување “Македонија” од Скопје.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Светомир Ристевски од Тетово му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата наведува дека согласно член 75 од Законот за осигурување имоти и лица, друштвото за осигурување кај кое се осигурал сопственикот односно корисникот на моторно возило мора да ја надомести штетата, која сопственикот односно корисникот или возачот на моторното позило е должен да ја надомести врз основа на правните правила за одговорност поради употреба на моторно возило, а која е причинета со смрт, повреда на телото, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети освен за штети на предмети примени на превоз но најмногу до договорените износи на осигурување. Според иницијаторот, овие правни правила ги утврдувале и донесувале и истовремено ги применувале врз неограничен број оштетени граѓани на целата територија на државата, акционерските друштва за осигурување . Такви акти кои ќе важеле за целата територија и за сите граѓани можело да донесува само Собранието на Република Македонија и тоа во форма на закон. Понатаму во иницијативата се наведува дека согласно член 30 став 4 од Уставот се гарантирало праведен надомест кој не можел да биде понизок од пазарната вредност, додека со правните правила, АД за осигурување немале предвидено елементи за утврдување на штетите кои не би биле пониски од пазарната вредност. Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да утврди дали е во согласност со Уставот правните правила за проценување и надомест на штети да ги донесува АД за осигурување и дали со мерилата што АД за осигурување ги применуваат се врши праведен надомест на тоталните штети според пазарната вредност на оштетениот или уништениот имот.

3. Судот на седницата утврди дека АД “Македонија” нема донесено посебни правни правила; дека надоместувањето на штетата на лицата настанати при сообраќајни незгоди ја врши врз основа на Законот за облигационите односи и Законот за осигурување на имоти и лица; дека другите правни прописи ги носи согласно овластувањето содржано во член 32 став 1 точка 2 од Законот за осигурување на имоти и лица.

Со цел да се постигне единствен пристап при процена на пријавените штети на моторните возила и да се обезбедат еднакви права на осигурениците односно оштетените граѓани – сопственици на моторни возила, изготвени се критериуми за процена на штети на моторни возила кои се задолжителни за сите проценители и други субјекти кои работат на регулирање на односите кои резултираат од сообраќајните незгоди и други осигурителни случаи. Доследната примена на овие критериуми значи максимално елиминирање на секаков субјективизам при извод и процена на пријавените штети на моторните возила.

4. Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што АД за осигурување и реосигурување “Македонија” нема донесени посебни правни правила туку надоместувањето на штетата ја врши врз основа на Законот за облигациони односи и Законот за осигурување на имоти и лица како и врз основа на правни прописи што ги носи согласно овластувањето содржано во член 32 став 1 точка 2 од Законот за осигурување на имоти и лица, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучлување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.259/96)