188/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја
2 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеа 1 од Деловникот на
Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”
бр.70/92), на седницата одржана на 5 март 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 75 став 3 од Колективниот договор за рудници и
индустрија на неметали, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од хемиската
индустрија и неметали на Македонија и Одборот на работодавачите од Здружението
на рудниците и индустријата на неметали при Стопанската комора на Македонија во
ноември 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Тодор
Пљаков – адвокат од Велес, со Решение У.бр.188/96 од 22 јануари 1997 година
повел постапка за оценување законитоста на одредбата од Колективниот договор
означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за
нејзината согласност со член 135 од Законот за работните односи.

4. На седницата Судот утврди дека оспорената одредба предвидува
приговорот поднесен против решението за упатување на работникот на привремен
принуден одмор да не го одлага извршувањето на решението.

Според член 135 од Законот за работните односи (“Службен весник на
Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95), работникот има право да
поднесува барање заради остварување на своите права од работниот однос (став
1), а поднесувањето на барањето го задржува извршувањето на одлуката до
донесувањето на конечна одлука кај работодавецот, освен во случаите утврдени со
закон (став 3).

Со оглед на тоа што со член 75 став 3 од Колективниот договор за
рудници и индустрија на неметали се предвидува дека приговорот на работникот
против решението за упатување на привремен принуден одмор не го задржува
извршувањето на решението, наместо да го задржува до донесување конечна одлука,
Судот утврди дека наведената одредба од Колективниот договор не е во согласност
со означената законска одредба.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа
одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р
Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р
Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р
Тодор Џунов. (У.бр.188/96)