223/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 февруари 1997 година, донесе
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 точките 26 и 85 од Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96).

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето Судот, до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесни, односно преземени врз основа на оспорениот закон.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Месната заедница село Орќуше Општина Маврови Анови и Општина Вевчани, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на членот 8 точките 26 и 85 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што при вршењето на територијалната поделба на Републиката, односно при определувањето на подрачјата на единиците на локалната самоуправа, законодавецот не го земал предвид фактот дека во селата Орќуше и Горна Белица биле одржани собири на кои биле донесени едногласни одлуки за нивно припојување кон Општината Вруток, односно Општината Вевчани, па истите ги припоил кон Општината Маврови Анови, односно Општината Струга.

4. Судот на седницата утврди дека со точката 26 на член 8 од Законот, во Република Македонија се утврдува Општина Маврови Анови во која, меѓу другите населени места, е предвидено и селото Орќуше како такво.

Исто така, со точката 85 на член 8 од овој закон, во Република Македонија се утврдува Општина Струга во која, меѓу другите населени места, е предвидено и селото Горна Белица како такво.

5. Согласно член 116 од Уставот, територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон.

Како што се гледа од наведената одредба, Уставот не се впушта во регулирањето на прашањата во врска со територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините, туку со упатна норма предвидува овие прашања да се уредат со закон, со што на законодавецот му го препуштил регулирањето на сите прашања од оваа област.

Врз основа на оваа одредба е донесен оспорениот закон со кој во Република Македонија се определени 123 општини со населени места и во кој со точките 26 и 85 на член 8 селата Орќуше и Долна Белица се определени како населени места што влегуваат во општината Маврови Анови, односно Струга.

Од изнесеното произлегува дека прашањата сврзани со територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините, според Уставот, се во исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на точките 26 и 85 од член 8 на оспорениот закон.

6. Што се однесува до барањето, до донесување на конечна одлука, да се запрат од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот закон, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за изрекување на ваква мерка.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.223/96)