10/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93,3/94, 14/95, 71/96).

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената законска одредба.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Светозар Георгиевски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 154 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил во согласност со член 59 став 2 од Уставот на Република Македонија и со членовите 4 и 6 став 1 од истиот закон, затоа што со него било предвидено запирање на пензијата ако корисникот е во работен однос или врши дејност, со што личните и материјалните права стекнати и остварени во зависност од должината и обемот на вложените средства се намалувале, иако истите биле неотуѓиви и не можеле да се намалуваат со закон или со друг пропис.

Со иницијативата се бара Судот да изрече и времена мерка.

4. Судот на седницата утврди дека во член 6 од Законот е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви, лични материјални права и не можат да се пренесуваат на други лица. Правата од пензиското и инвалидското осигурување не можат да застарат освен пристигнатите, а неисплатените износи на пензии на други парични примања, во случаите утврдени со овој закон. Користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, остварени според овој закон може да престане или да се ограничи само во случаи и под услови предвидени со овој закон.

Во оспорениот член 154 е предвидено дека на корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши дејност во Републиката или во странство му се запира исплатата на пензија.

5. Според основните одредби на Уставот Република Македонија, покрај другото, е и социјална држава, а како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Со цел да се остварат овие уставни претпоставки во член 34 од Уставот се гарантира правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување. Овие права на граѓаните се утврдуваат со закон и со колективен договор. Според член 35 став 1 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалнита сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според тоа со Уставот само се гарантираат права на граѓаните на социјална сигурност, социјална заштита и социјално осигурување, при што е предвидено овие права да се утврдат со закон и со колективни договори.

Тоа значи дека за остварување на овие уставно гарантирани права Републиката треба да обезбеди нормативни и финансиски претпоставки.

Како дел од социјалната заштита и социјалната сигурност е и социјалното осигурување кое го опфаќа и пензиското и инвалидското осигурување.

Пензиското осигурување се определува во случај на старост и опфаќа остварување пред се право на лична пензија и тоа по престанокот на работниот однос односно по престанок на вршење на дејност или примање на паричен надоместок кај невработните ако ги исполниле условите за пензија предвидени со Законот.

Според тоа како услов за остварување на правото на лична пензија е престанок на работниот однос односно престанок на другите основи за остварување на средства за живот и тоа осигурување претставува всушност обезбедување на социјална сигурност на граѓаните по престанокот на работниот однос или по престанокот на вршење дејност или на друг со закон предвиден начин за обезбедување средства за живот.

Според мислењето на Судот заради обезбедување на начелото на социјалната праведност не постои уставна пречка со закон да се предвиди на лицата кои на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност, по стекнувањето право на лична пензија, а не со користење на пензијата, привремено да им мирува користењето на пензијата. При тоа, со привременото ограничување на правото на користење на пензијата, не се задира во веќе стекнатите права, што значи дека тие ниту се отуѓуваат ниту се одземаат, туку, како што предвидел и самиот закон во член 6 став 3 привремено се ограничува нивното користење во случаи предвидени со закон, како што впрочем е предвиден и спорниот случај.

Што се однесува до наводот од иницијативата дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 59 став 2 од Уставот, Судот смета дека таа не може да се оценува во однос на оваа уставна одредба, од причини што истата се однесува на права на странски вложувачи, а не на права од социјалното осигурување.

Имено, во член 59 од Уставот е предвидено дека на странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката, а правата стекнати врз основа на вложениот капитал не може да се намалуваат со закон или со друг пропис.

Во однос на наводите од иницијативата дека оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 4 и член 6 став 1 од истиот закон, согласно член 110 од Уставот Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на одредбите на еден закон, туку само нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

Имајќи ги предвид горенаведените причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на член 154 од Законот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Во однос на барањето во иницијативата да се изрече времена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Судот поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.10/97)