104/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 43 став 1 алинеја 4 и член 52 од Општите услови за испорака на топлинска енергија (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/89), донесени од Самоуправната интересна заедница за енергетика на Македонија.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 20 став 1 точка 10 и член 26 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија (“Службен гласник на град Скопје” бр.22/83), донесена од Собранието на град Скопје.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Марија Дамеска, Петар Поповиќ, Ѓорѓи Мојсов и Ѓорѓи Колевски, сите од Скопје, му поднесоа посебни иницијативи, со кои се оспорува член 43 став 1 алинеја 4 и член 52 од Општите услови за испорака на топлинска енергија, донесени од Самоуправната интересна заедница за енергетика на Македонија, и член 20 став 1 точка 10 и член 26 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија, донесена од Собранието на град Скопје. Во иницијативите се наведува дека оспорените акти биле во спротивност со членовите 9, 50 и 51 од Уставот на Република Македонија, бидејќи преку нив се создавала дискриминација помеѓу граѓаните кои топлинската енергија ја плаќаат по м2-17,5 денари на 12 месеци и граѓаните кои имаат вградено мерачи и за топлинската енергија плаќаат по мерач, по инсталирана и ангажирана енергија, што изнесувало 50-60,00 ден по м2, односно многу повисок износ, поради што подносителите бараат да се оцени уставноста и законитоста на оспорените акти и наплатата за топлинска енергија да се врши само по метар квадратен, на 6 или 12 месеци и да се укине категоријата наплата за ангажирана и инсталирана енергија.

4. На седницата Судот утврди дека во член 20 став 1 точка 10 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија (“Службен гласник на град Скопје” бр.22/83), е предвидено дека “Топлификација” може да ја прекине испораката на енергија на корисниците, покрај останатите предвидени случаи, и во случај на неплаќање на три месечни фактури или рати во определениот рок, при што “Топлификација” го задржува правото за надоместок на трошоците за ангажирана сила.

Во член 43 став 1 алинеја 4 од Општите услови за испорака на топлинска енергија (“Службен весник на СРМ” бр.47/89), е предвидено дека испорачателот на топлинска енергија може по претходно писмено предупредување да му ја прекине испораката на енергија на корисникот помеѓу другото, и ако не врши плаќање за испорачаната енергија во утврдениот рок според Општите услови и договорот за испорака.

Согласно член 52 од Општите услови за испорака на топлинска енергија, надоместокот на испорачаната топлинска енергија испорачателот по групи на корисници на услугите го наплатува на два начина, и тоа: а) преку мерач на топлинска енергија, и б) преку пресметка.

Согласно член 26 од Одлуката за испорака на топлинска енергија, надоместокот за користење на енергија за затоплување на станбени простории се утврдува преку мерни уреди, а за објектите во кои не се вградени мерни уреди надоместокот за користење на топлотна енергија се утврдува по 1 м2 затворена станбена површина, со одлука на “Топлификација”.

Понатаму, Судот утврди дека со Решение У.бр.90/89 од 20 септември 1989 година одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија, донесена од Собранието на град Скопје, при што Судот одлучувал токму за прашањето за плаќање по мерач и нашол дека нема основ за поведување постапка за оцена на уставноста и законитоста на оваа Одлука.

5. Одлучувајќи по однос на оспорените одредби од член 20 став 1 точка 10 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија и член 43 став 1 алинеја 4 од Општите услови заиспорака на топлинска енергија, според кои испорачателот на топлинската енергија, односно АД “Топлификација”-Скопје, може по претходно писмено предупредување да му ја прекине испораката на енергија на корисникот во случај на неуредно плаќање на надоместокот за топлинска енергија, при што го задржува правото на надоместок за ангажирана сила, Судот утврди дека овие одредби имаат законски основ во член 33 став 2 точка 4 од Законот за енергетика, според кој испорачателот на енергија може по претходно писмено предупредување да му ја прекине испораката на енергија на корисникот доколку корисникот не врши плаќање за испорачаната енергија во утврдениот рок според Општите услови за испорака на енергија и договор за испорака.

Од овие причини, имајќи при тоа во предвид дека веќе одлучувал за уставноста и законитоста на Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија по предметот У.бр.90/89, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член43 став 1 алинеја 4 од Општите услови за испорака на топлинска енергија,а ја отфрли иницијативата во делот со која се оспорува одредбата од член 20 став 1 точка 10 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија, со оглед на тоа што по повод овие иницијативи не најде основ за поинакво одлучување.

По однос на наводите во иницијативите дека корисниците кои плаќаат за топлинска енергија по мерач се ставени во нееднаква положба во однос на корисниците кои овој надоместок го плаќаат по метар квадаратен затоплувана површина, Судот утврди дека во член 26 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија и член 52 од Општите услови за испорака на топлинската енергија е предвидено надоместокот за испорачанта топлинска енергија да се утврдува преку мерни уреди, во објектите во кои такви уреди се вградени, и по метар квадратен затоплувана површина во објектите во кои не се вградени мерни уреди, додека АД “Топлификација”-Скопје е овластена преку свој Ценовник-Тарифа да ја утврди цената на топлинската енергија и параметрите за утврдување на надоместокот.

Од анализата на Ценовникот-Тарифата на АД “Топлификација”-Скопје и стручното мислење изготвено од Машинскиот факултет во Скопје, Судот утврди дека надоместокот за топлинската енергија се утврдува врз основа на исти параметри-топлинската можност и испорачаната енергија, и по исти цени, како за корисниците кои плаќаат по метар квадратен затоплувана површина, така и кај корисниците кои плаќаат по мерач. Од аспект на облигационо-правните односи, поаѓајќи од начелото на еднаквост на давањата, корисниците на топлинска енергија кои плаќаат по мерач, плаќаат за онолку енергија колку што им е испорачана, кое нешто може емпириски да се утврди преку мерните инструменти. Согласно член 32 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија, доколку смета дека надоместокот е погрешно утврден, корисникот има право, во рок од 8 дена од приемот на сметката, да достави приговор до АД “Топлификација”-Скопје. Конечно, оваа категорија на корисници се приклучува на топловодниот систем по постапка на приклучување, на сопствено барање, при што склучува со АД “Топлификација”-Скопје договор со кој се утврдуваат времето, начинот и условите на приклучувањето, што укажува на облигационо-правниот однос помеѓу овие корисници и АД “Топлификација”-Скопје. Овие корисници имаат право да се исклучат од топловодниот систем за една или повеќе грејни сезони, при што целосно се ослободуваат од плаќање, за разлика од корисникот на исклучен станбен простор во колективен објект, кој е должен да плаќа 50% од полниот месечен надомест.

Од сето погоре изнесено, произлегува дека различниот начин на пресметувањето на надоместокот за користење на топлинска енергија, преку мерач и преку пресметка, кој што е утврден во член 52 од Општите услови за испорака на топлинската енергија и во член 26 од Одлуката за испорака и користење на топлинската енергија, а функционално разработен во Ценовникот-Тарифата на АД “Топлификација”-Скопје, правно гледано, не ги става корисниците на топлинска енергија кои плаќаат по мерач во понеповолна положба во однос на корисниците кои плаќаат по метар квадратен затоплувана површина.

Од овие причини Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 52 од Општите услови за испорака на топлинска енергија, а ги отфли иницијативите во делот со кој се оспорува член 26 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија, со оглед на тоа што по оваа Одлука Судот веќе одлучувал, при што не најде основ за поинакво одлучување по повод поднесените иницијативи.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.104/96)