246/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 197 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 4/95) во делот кој гласи “пензиите на воените осигуреници остварени пред денот на почетокот на примената на овој закон според Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници им се обезбедуваат и по денот на почетокот на примена на овој закон во обем и во висина определени со тие прописи”.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Борис Цветановски и Благоја Филиповски од Скопје му поднесоа иницијатива за оценка на уставноста на член 197 во означениот дел од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, затоа што со него на воените осигуреници во пензиската основа не им се засметувале посебните додатоци ако не се остварени во последните пет години и во пензиската основа бил земен само личниот доход во декември пред престанувањето на службата, а според Законот за пензиско и инвалидско осигурување (член 21, 22 став 1 и член 30 став 1) за утврдување на пензиската основа се земале платите и сите други парични надоместоци што осигуреникот ги остварил во работен однос и тоа од периодот од 1 јануари 1970 година до пензионирањето. Со тоа, лицата од АРМ кои оделе во пензија според одредбите на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од со ист пензиски стаж и чин им се исплаќала многу повисока пензија од пензијата на лицата пензионирани според одредбите на Законот за пензиско и инвалидско осигурување на воените осигуреници, со што било повредено уставното начело на еднаквоста. Исто така, во иницијативата се наведува дека со член 193 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување законодавецот различно го определувал обемот и висината на пензиите затоа што со него било пропишано дека корисниците кои правата од пензиското и инвалидското осигурување ги оствариле пред денот на почетокот на примената на овој закон тие права им се обезбедувале и по денот на почетокот на примената на овој закон во обем и во висина кои не можат да бидат помали од обемот и висината утврдени според одредбите на овој закон. Со тоа било очигледно дека законодавецот гарантирајќи ги правата на воените пензионери во обем и висина определени со тие прописи ги ставил во нееднаква положба воените пензионери.

3. На седницата Судот утврди дека во член 197 од Законот е предвидено пензиите на воените осигуреници остварени пред почетокот на примената на овој закон според Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници да им се обезбедуваат и по денот на почетокот на примената на овој закон во обем и во висина определени со тие прописи со тоа што овие пензии можат да се исплатуваат најмногу до износот на највисоката пензија утврдена со овој закон.

4. Согласно член 34 од Уставот на Република Македонија граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалното осигурување на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.

Од наведените одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија не ги утврдува видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување.

Исто така со Уставот на Република Македонија не се определуваат поблиските принципи на кои се засновува социјалното осигурување како и начинот на обезбедување на социјалната сигурност на граѓаните поради што условите и правата што произлегуваат од социјалното осигурување меѓу кои и правото на пензија е оставено да се уредат со закон.

Во Законот за пензиското и инвалидското осигурување воените осигуреници претставуваат посебна категорија во системот на пензиското и инвалидското осигурување и за остварувањето на правото на пензија се применуваат посебни одредби. Оспорениот член 197 од Законот уредувајќи го преодниот режим на правото на исплата на пензиите на воените осигуреници во операционализација на уставниот принцип на социјална сигурност и праведност предвидува пензиите на воените осигуреници остварени пред влегувањето во сила на овој Закон да се гарантираат во еднаков обем и висина и по денот на почетокот на примената на овој закон со што според мислењето на Судот се обезбедува правната и социјалната сигурност на оваа категорија осигуреници.

Со оглед на тоа што со член 197 од Законот се обезбедува ист правен статус на воените осигуреници и по влегувањето во сила на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

Во врска со наводот во иницијативата дека треба повторно да се пресмета пензиската основа на воените осигуреници земјаќи ги предвид сите додатоци што ги имал воениот осигуреник пред пензионирањето, Судот смета дека одредбата од член 21 (на која се повикува подносителот на иницијативата) се однесува на пресметување на пензиската основа на осигурениците кои остваруваат право на пензија под услови и во обем согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Македонија и дека овој закон не допушта поново пресметување на пензиската основа на пензиите остварени пред неговото влегување во сила, туку познава систем на нивно усогласување со движењето на платите во нестопанството. Инаку, одредбата од член 21 од Законот ги нема предвид додатоците кои воениот осигуреник ги примил според прописите кои важеле до 31.12.1993 година, туку се однесува на паричните надоместоци што значи надоместок наместо плата односно основите од кои се пресметува надоместокот. Оттука, Судот смета дека поврзувањето на член 197 од Законот кој е сместен во преодните и завршните одредби и кој уредува режим на правото на воените осигуреници остварени пред денот на почетокот на примената на овој закон, со член 21 од Законот е неосновано затоа што член 21 се однесува на пресметување на пензиската основа на осигурениците кои остваруваат право на пензија според овој закон. Според тоа не се повредува ниту начелото на еднаквоста затоа што пресметувањето на пензиската основа согласно член 21 од Законот се однесува на остварувањето на правото од пензиското и инвалидското осигурување, а не и на правото на пензиско и инвалидско осигурување остварено од претходниот правен режим, поради што Судот оцени дека и од аспект на еданквоста не може да се постави прашањето за согласноста на член 197 со Уставот на Република Македонија.

Во врска, пак, со наводот во иницијативата дека законодавецот им дал различен третман во гарантирањето на обемот и висината на пензиите на корисниците кои правата од пензиското и инвалидското осигурување ги оствариле пред денот на почетокот на примената на овој закон, со тоа што им ги гарантира пензиите со денот на почетокот на примената на овој закон во обем и во висина кои не можат да бидат помали од обемот и висината утврдени според одредбите на овој закон, Судот смета дека со оспорениот член 197 од Законот со кој на ист начин како во Одлуката за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија донесени од Владата на Република Македонија, се продолжува уредувањето на односите настанати од една фактичка ситуација на распад на една држава и има за цел да овозможи остварување на правото од пензиско и инвалидско осигурување на оние лица кои живеат на територијата на Република Македонија, а чие остварување на правата е оневозможено од носителот на соодветните обврски. Поаѓајќи од наведените причини, а притоа, имајќи го предвид и фактот што средствата за исплата на пензиите на овие корисници паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за уставноста на член 197 од Законот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.246/96)