212/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јануари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Свети Николе за 1996 година, донесена од Собранието на Општина Свети Николе, во делот што гласи

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Тасева Веса и други граѓани од Свети Николе, преку полномошникот Петар Тричковски, адвокат од Свети Николе, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одредбите од актот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата комуналниот надомест за пренамена од станбен во деловен простор немал основ во Законот за градежното земјиште, односно овој закон не предвидувал како извор на средства за уредување на градежно земјиште ваков вид на надомест.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со отстранување од правниот поредок на Упатството за постапката за издавање на одобрение за адаптација и решение за употреба на адаптација на постојните објекти со што се адаптира (пренаменува) одреден простор за вршење соодветна дејност, не постои правен основ за наплата на надоместок за пренамена.

Од друга страна, подносителите на иницијативата веќе го имале платено надоместокот за уредување на градежното земјиште, а биле условени со склучување на договори во кои била содржана норма дека “органот за уредување на градежното земјиште нема обврски за инфраструктурно уредување”. Оттука, се поставувало прашањето зашто се наплатувал овој надоместок ако со Законот неговата висина е условена со висината на вистинските трошоци за уредување.

3. Судот на седницата утврди дека со Програмата се утврдени подрачјата во Општината на кои се уредува градежното земјиште (населбите) видовите на уредувањето (уредување на комунална инфраструктура за деловен простор, уредување на комунална инфраструктура во изградениот дел од градот одржување на јавна хигиена, зеленило и јавно осветлување). Понатаму, со Програмата се разработени обемот на уредувањето (определувањето на градежното земјиште со заеднички комунални објекти и инсталации), трошоците за уредување на градежното земјиште и изворите на финансирање. При тоа посебно се утврдени трошоците за уредување на градежното земјиште за деловен простор и тоа деловен простор со целосно уреден партер, деловен простор како посебен објект со неуреден партер, а обезбедени инсталации до локалитетот, деловен простор во станбени згради и деловен простор како индустриски објекти. Во точката 5 од Програмата “Деловен простор” под Б “деловен простор во станбени згради” е предвидено плаќање на комунален надомест за уредување на градежно земјиште како надоместок на трошоците за обезбедување на сите потребни инсталации и пристапи за комуникација до деловниот простор кои се во склоп на станбените згради во четири различни локалитети во Градот одредени према обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на земјиштето со потребната инфраструктура, односно по населби исто како што е за станбен простор. Соодветно на овој дел од Програмата, во делот “извори на средства” е утврдена висината на комуналниот надомест за пренамена на станбен во деловен простор.

4. Според член 39 и 41 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91), уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на програма која ја донесува собранието на општината, а се финансира од средствата остварени од неговото доделување, од надоместоците за уредување односно употреба на градежното земјиште, од средствата на комуналните организации, од средствата од самопридонес и од други средства.

Со членот 42 од Законот е предвидено дека за уредување на градежно земјиште се плаќа надоместок, кој се утврдува со договор, а според ставот 2 на овој член износот на надоместокот согласно со програмата за уредување на градежното земјиште, се утврдува сразмерно со вкупните трошоци за уредување на поголеми комплекси на градежно земјиште, земајќи ја предвид и нивната намена, положбата и други посебни својства.

Со Програмата е предвидено дека надоместокот за уредување на градежното земјиште што се плаќа по основ на пренамена од станбен во деловен простор е наменет за покривање на трошоците за обезбедување на сите потребни инсталации и пристапи за комуникација до деловниот простор кој е во склоп на станбените згради. Според мислењето на Судот при пренамената на станбен во деловен простор додатно се вложува во уредувањето на градежното земјиште и оттука произлегува обврска за граѓаните да плаќаат надоместок кој е тесно поврзан со пренамената на станбениот простор во деловен простор. Од друга страна, основот за пренамена на станбен во деловен простор произлегува од Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 50/87, 48/88, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/93), односно од член 7 на овој закон според кој граѓанин што самостојно врши дејност може станот на кој има право на сопственост да го пренамени во деловен простор под услови и начин што ќе ги определи општината, па оттука програмата како пропис на општината ги определува условите и начинот за пренамена на станбениот во деловен простор. Во тој случај фактичко е прашањето дали се врши доуредување на земјиштето со потребни инсталации и пристапи за комуникација до деловниот простор, за што овој Суд, согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.

Со оглед на тоа што Собранието на Општина Свети Николе има овластување со Програмата за уредување на градежно земјиште за 1996 година да утврди обврска за плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште во зависност од степенот на уредувањето на градежното земјиште, па во таа смисла и за пренамена на станбен во деловен простор, доколку пренамената предизвикува трошоци, Судот смета дека таа, во делот што се однесува на комунален надоместок за пренамена од станбен во деловен простор, е во согласност со означените законски одредби.

5. Во поглед на наводите во иницијативата дека со договорите органот надлежен за уредување на градежно земјиште нема обврски за инфраструктурно уредување, Судот смета дека е фактичко прашање за што, исто така, овој суд не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседавач судијата Бахри Исљами и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.212/96)