Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 јануари 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правното мислење за примена на конформната метода при пресметување на затезната камата, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 21 декември 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија “Бифест” – претпријатие за трговија на големо и мало од Скопје и Цанко Ангелов од Скопје му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правното мислење означено во точката 1 од ова решение, затоа што тоа било практично неприменливо и незаконито.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека со неа не се бара оценување уставноста на закон и оценување уставноста и законитоста на пропис, за што согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува, туку на правното мислење кое е донесено со цел за обезбедување на единствена примена на закон.
Со оглед на тоа што правното мислење не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, како и со оглед на тоа што Судот по предметот У.бр.84/96 веќе еднаш одлучувал и го отфрлил барањето, а по наводите на новата иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.258/96)