Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 јануари 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за педагошки мерки на учениците и други слушатели во средното полициско училиште при Центарот за образование на кадри за безбедност и општествена самозаштита “Елисие Поповски Марко” – Скопје, донесен од Советот на Центарот на 24 март 1992 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.173/96 од 13 ноември 1996 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за средното образование.
4. На седницата Судот утврди дека во Правилникот се утврдуваат видот, постапката и начинот на применување на педагошките мерки за учениците во средното полициско училиште според одредбите на Законот за насочено образование и Упатството за видот, постапката и начинот на применување на педагошките мерки за учениците во организациите за средно образование. Согласно член 17 од Правилникот заради обезбедување работна дисциплина и културно поведение во училиштето на учениците кои не ги извршуваат работните должности и ги кршат правилата на однесување се применуваат педагошки мерки писмена опомена, опомена пред отстранување и отстранување од организацијата за образование.
Понатаму од членовите 18 до 29 од Правилникот се разработуваат условите за изрекување на дисциплинските мерки за учениците како и постапката и органите за изрекување на тие мерки.
5. Во Законот за основање центар за образование на кадри од областа на безбедноста (“Службен весник на РМ” бр.27/95) кој е специјален закон за средното полициско училиште не се уредуваат прашањата за дисциплинската одговорност на учениците. Според тоа и за овие училиште ќе се применува Законот за средното образование во поглед на изрекување на педагошки мерки за учениците. Согласно член 57 став 1 од Законот за средното образование заради повреда на должностите и неисполнување на обврските за ученикот можат да се применат педагошки мерки: опомена, опомена пред отстранување и отстранување од јавното училиште. Согласно член 57 став 3 опомената пред отстранување и отстранувањето ги изрекува наставничкиот совет, а против одлуката на став 3 на овој член ученикот може да поднесе приговор до органот на управување на училиштето во рок од 8 дена од денот на приемот на одлуката. Според став 7 на овој член од Законот педагошката мерка отстранување може да се изрече само за потешка повреда на должноста утврдена со статут на училиштето.
Од изнесените одредби произлегува дека наставничкиот совет ги изрекува педагошките мерки опомена и отстранување од училиштето, а потешките повреди на должностите се утврдуваат во статутот. По приговор одлучува органот на управување на училиштето, а орган на управување на училиштето според законот е училишниот одбор. Училишниот одбор (член 88 од Законот) го донесува статутот и е составен од 9 члена и тоа двајца претставници од основачот, тројца претставници од родители на ученици и четворица претставници од наставниците, а врз основа на стручност и компетентност.
Понатаму, во член 113 од преодните и завршните одредби од законот е предвидено јавните училишта во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, да ја усогласат својата организација, работа, статутите и другите општи акти со одредбите на овој закон. Рокот за усогласување на актите е поминат повеќе од 6 месеци. Согласност, пак, на статутот согласно член 98 од овој закон дава Владата на Република Македонија.
Со оглед на тоа што рокот за усогласување на Правилникот со одредбите на Законот за средното образование е поминат, а прашањето за изрекување на педагошките мерки за учениците според Законот е предвидено да се уреди со друг акт кој се носи во друга постапка, Судот смета дека тој не е во согласност со означените законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.173/96)