254/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 јануари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на Град Куманово (“Службен гласник на Општина Куманово, бр.1/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стојан Костовски од Куманово му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што Собранието на Општина Куманово немало овластување да донесе ваква одлука и затоа што со истата на неуставен и незаконит начин се наметнувала обврска на граѓаните, покрај данок на имот, да плаќаат и надоместок за користење на истиот имот. Граѓаните при добивање на градежна дозвола за изградба на објекти плаќале комунален придонес за уредување на градежното земјиште, поради што немало потреба по изградбата на објектите да плаќаат комунален придонес за станбениот простор и дворното место. Со иницијативата се предлага Судот да ја поништи оспорената одлука како неуставена и незаконита.

3. На седницата Судот утврди дека со Решение У.бр. 191/96 од 23 октомври 1996 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Со оглед на тоа што оспорената Одлука била предмет на оценка пред овој Суд, односно за истата работа веќе е одлучувано, а наводите во иницијативата не даваат основ за поинакво одлучување, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.254/96)