255/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 јануари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за преиспитување на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.29/96 од 11 септември 1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, ДОО “Максигнал” Скопје, Претпријатие за трговија на големо и мало “Еско” Скопје, Претпријатие за трговија на големо и мало “В.Р.М” Скопје и дванаесет други претпријатија од Скопје, му поднесоа иницијатива со барање Судот да ја преиспита својата одлука У.бр.29/96 од 11 септември 1996 година. Според наводите во иницијативата одлуката на Уставниот суд со која е укинат член 11 став 2 од Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила, донесен од Министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во согласност со Министерот за внатрешни работи на 6 април 1994 година, се темели само на еден закон чие значење за законитоста на правилникот е извлечено од неговата општа функција и неоправдано е пренагласено во поглед на правниот промет на моторните возила преку комисион. Имено, Законот за заверка на потписи, ракописи и преписи, уредува односи кои имаат сосема поинакво значење и поинаков предмет на уредување од оној што го има правниот однос наречен “промет на моторни возила преку комисионер.

Правните односи што настануваат врз основа и по повод на склучувањето на договорот за купопродажба на моторни возила преку комисион воопшто не се идентични со односите што настануваат во врска со заверувањето на потписи, ракописи и преписи, па според тоа ниту заверувањето на потписите ставени на овој вид договор го нема истиот карактер како заверувањето на потписите во смисла на наведениот закон.

Многу поблизок извор на општи правни правила за формата на договорот за купопродажба преку комисион, па според тоа и за улогата на заверката на овој договор и за субјектот кој е надлежен за неговото заверување, е Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78, 39/85 и 57/89). Законот за облигациони односи не пропишува посебна форма која би била специфична само за договорот за комисион, туку упатува на општите одредби за формата на договорите. Според член 67 од Законот, во принцип, склучувањето на договорот не подлежи на никаква форма, освен ако по исклучок со закон не е определено поинаку, т.е. освен ако со посебен закон, кој во однос на Законот за облигационите односи се јавува како леџ специјалис за прометот на определени видови на стоки, услуги и предмети не е пропишана нивната форма како услов за нивната полноважност (т.н. формални договори).

Во оваа смисла карактер на леџ специјалис во однос на Законот за облигациони односи, и тоа само за случаите кога предмет на договорот за купопродажба се моторните возила, како предмети за кои се води посебен регистер, а не и за сите други предмети кои исто така можат да бидат предмет на купопродажба преку комисионер, има Законот за основите на безбедноста на сообраќајот на патиштата (“Службен лист на СФРЈ” бр.50/88, 63/88, 80/89 и 11/91), кој е преземен како републички пропис, како и оспорениот правилник донесен врз негова основа.

Понатаму во иницијативата се наведува дека означените прописи имаат различен однос кон непосредната купопродажба меѓу физичките лица, при што носител на заверката е надлежниот суд односно орган на управата, а кога таа купопродажба се врши преку посредник (комисионер) носител на заверката е комисионерот.

Исто така во иницијативата се наведува дека Законот за заверка на потписи, ракописи и преписи е донесен 1972 година, а по неговото донесување биле донесени два сосема нови устави со кои на драстичен начин се промениле основите на економскиот систем.

3. На седницата Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Митре Лазов адвокат од Неготино го укинал член 11 став 2 од Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила, донесен од Министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во согласност со Министерот за внатрешни работи на 6 април 1993 година, во делот кој гласи: “а ако договорот е склучен меѓу правни лица потписите ги заверуваат правните лица, помеѓу кои е склучен договорот. Кога возилото се предава преку посредник (комисионер) потписот на договорот и сметката ги заверува комисионерот”, со образложение дека оспорената одредба не е во согласност со Законот за заверување на потписи, ракописи и преписи затоа што заверувањето на потписи, ракописи ипреписи се врши пред општинскиот суд или орган на управата надлежен за заверување ако со овој закон или друг не е определено поинаку.

4. Според член 112 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот и законот.

Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај Уставниот суд со одлука У.бр.29/96 од 11 септември 1996 година го укинал член 11 став 2 од Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила, со што оваа одредба престанала да важи со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” а Уставниот суд нема надлежност за враќање во правниот поредок на актот што го укинал или поништил, Судот оцени дека не постојат уставни основи за преиспитување на укинатата одредба и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од заменик претседател на Судот Бахри Исљами и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.255/96)