59/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 151 став 3 од Законот за кривичната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.26/86, 74/87, 57/89, 30/90).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Адвокатската комора на Македонија, со решение У.бр.59/96 од 27 ноември 1996 година поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 151 став 3 од Законот органите на внатрешни работи можат и да повикуваат граѓани. Во поканата мора да се назначи причината за повикувањето, Присилно може да се доведе лице што не се одѕвало на поканата само ако во поканата било предупредено за тоа. При постапувањето според одредбите на овој член, органите за внатрешни работи лицата повикани, приведени или лишени од слобода мора веднаш да бидат запознаени со причините за нивното повикување, приведување или лишување од слобода и со нивните права утврдени со закон и од нив не може да се бара изјава, не можат да ги сослушуваат во својство на обвинет, сведок или вештак, ако во овој закон не е предвидено поинаку.

5. Согласно став 1 на член 12 од Уставот на Република Македонија, слободата на човекот е неприкосновена.

Според ставот 2 на овој член од Уставот никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и постапка утврдена со закон.

Како што се гледа од наведените одредби Уставот лишувањето од слобода на граѓанинот го дозволува само при кумулативно исполнување на двата услови.

Тоа значи дека Уставот дава можност со закон да се утврдат случаите на ограничување на слободата на граѓаните во интерес на остварувањето на правата на граѓаните и вршењето на судската власт. Исто така, тоа значи дека граѓанинот може да биде лишен од слобода само кога таквиот случај е предвиден со закон, а едновремено постои и одлука на судот за негово приведување, односно лишување од слобода.

Со оглед на тоа што членот 151 став 3 од Законот предвидува граѓаните да можат да бидат приведени доколку не се одѕвале на поканата со која биле предупредени за тоа, без постоење на судска одлука, односно дека во него не се кумулативно предвидени условите за лишувањето на граѓанинот од слобода, што е уставна обврска, Судот оцени дека истиот е несогласен со Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.59/96)