217/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 17 став 1, 2, 3 и 4, член 18, член 19 став 3 и членовите 20 до 32 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 4/95).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 17 став 5 и член 19 став 1 и 2 од Законот означен во точка 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Танески Петре од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точката 1 и 2 од ова решение, затоа што со начинот на определување на пензиите се повредувало начелото на еднаквост меѓу граѓаните, поради тоа што лицата што се пензионирале во 1995 година имале повисока пензија од лицата кои се пензионирале во поранешните години, иако станувало збор за лица кои биле на исти работни места и имале идентични услови за пензионирање, само што тоа право го оствариле во различно време.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорените членови 17 до 32 од Законот се утврдени условите за стекнување старосна пензија, и за утврдување на пензиската основа. Така во член 17 од Законот се определени условите за стекнување на старосна пензија, а во член 18 се определени условите за намалување на старосната граница кај лицата на кои стажот на осигурување му се смета со зголемено траење. Во член 19 од Законот е определено како се утврдува пензиската основа, при што се предвидува дека старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година, а за вработените во Армијата се зема просекот најрано од 1 април 1992 година. Како година на осигурување од која се зема платата за утврдување на пензиската основа се зема календарската година во која осигуреникот остварил плата, односно надоместок на плата за најмалку шест месеци стаж на осигурување. По исклучок платата, односно надоместокот на платата остварен во годината во која осигуреникот остварува право на старосна пензија не се зема за утврдување на пензиската основа. Во член 20 од Законот е предвидено дека на осигуреникот кој не остварил плата односно надоместок на плата по јануари 1970 година пензиската основа се утврдува според основицата утврдена со општ акт на Фондот. За утврдување на пензиската основа, според член 21 од Законот, се земаат платите, паричните надоместоци односно основиците на осигурување што осигуреникот ги остварил во согласност со општиот акт на работодавецот усогласен со колективниот договор и со закон. Согласно член 22 од Законот за утврдување на пензиската основа се зема просечната месечна плата што осигуреникот ја остварил со полно работно време. Во понатамошните одредби од овој член и во член 23 од Законот е определен начинот на утврдување на пензиската основа во случаи кога платата е остварена за работа подолга или пократка од полното работно време. Во член 24 од Законот е определен начинот на утврдување на пензиската основа во случаи кога осигуреникот остварил надоместок наместо плата. Начинот на определување на пензиската основа на невработените лица кои примаат паричен надоместок е утврден во член 25 од Законот, а во член 26 е утврден начинот на определување на пензиската основа на вработените инвалиди на трудот кои примаат паричен надоместок за работа со скратено работно време или паричен надоместок поради помала плата. Во член 27 од Законот е утврден начинот на определување на пензиската основа за избраните или именуваните носители на јавни функции, а во членот 28 е определен начинот на утврдување на пензиската основа за лицата упатени на работа во странство. Во член 29 од Законот е определен начинот за утврдување на пензиската основа за осигуреници вработени кај странски и меѓународни органи и организации или кај странски работодавци, како и за странските државјани вработени во Република Македонија.
Во член 30 од Законот се определува пензиската основа за осигурениците вработени кај работодавец, за индивидуалните земјоделци и за физички лица кои вршат дејност, самостојните уметници и врвните спортисти аматери. Во член 31 од Законот е предвидено дека во пензиската основа се зема и надоместокот остварен по основ на иновација, рационализација и други видови творештво во работата. Во член 32 од Законот е предвидено дека платите од поранешните години кои се земаат за утврдување на пензиската основа се валоризираат со коефициентите пресметани врз основа на движењето на платите на сите вработени во Републиката. Во став 2 е утврден начинот на валоризацијата, а во став 3 е определено како се утврдува коефициентот за валоризација и со став 4 е овластен фондот да ги утврди коефициентите за валоризација.

Исто така, Судот утврди дека висината на пензиските примања односно валоризацијата на пензиските примања во текот на важењето на означениот закон, во одделни периоди од неговата примена, се определувало врз основа на различни критериуми кои во одделен период биле утврдени со посебен закон, односно со Законот за исплата на плати и пензии, понатаму во 1995 година е извршена измена на одредбите за начинот на усогласувањето на пензиската основа, при што како основ за усогласување наместо просекот на платите на сите вработени во Републиката е предвидено како основа да се зема просекот на платите на вработените во нестопанството. Според тоа поради промена на одредени начини на определување и валоризирање на пензиските примања, дошло и до утврдување на различни пензиски примања во зависност од времето кога е остварено правото на пензија.

5. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.

Од наведените уставни одредби, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, видовите на правата што се стекнуваат од социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека утврдените мерила и критериуми за определување на пензиската основа се однесуваат на сите осигуреници подеднакво кога тие се наоѓаат во иста положба, поради што не се повредува принципот на еднаквост.

Тоа што различни категории на осигуреници не остваруваат еднакви права односно немаат еднаква пензиска основа туку обемот на тие права и висината на пензиската основа зависи од повеќе елементи, не може да претставува основ за повреда на принципот на еднаквост.

Дали при тоа одделни пензионери кои стекнале право на пензија во различни периоди, кога важеле различни основи за валоризација на пензиската основа, биле доведени во понеповолна односно различна положба од други пензионери кои се пензионирале во некој претходен период кога важеле други критериуми за валоризација на пензиските примања е фактичко прашање, со оглед на тоа што станува збор за различни законски решенија кои додека важеле еднакво се однесувале на сите осигуреници.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со означените уставни одредби.

6. Понатаму, Судот утврди дека по поднесена иницијатива веќе ја оценувал уставноста на член 17 став 5 од Законот кој бил оспорен затоа што со него се утврдувале различни мерила и критериуми за стекнување право на старосна и инвалидска пензија во зависност од должината на пензискиот стаж и од тоа дали осигуреникот е маж или жена, со што се нарушувала рамноправноста на граѓаните и се создавал дискриминаторски однос кон осигурениците од машки пол, а што било во несогласност со Уставот на Република Македонија. Притоа, Судот, со Решение У.бр.133/95 од 19 април 1995 година не повел постапка за оценување на оваа законска одредба.

Исто така, Судот утврди дека неколку пати ја оценувал уставноста и на член 19 став 1 и 2 од Законот, кој бил оспорен затоа што пензиската основа за утврдување на старосната пензија, како и мерилата за утврдување на висината на старосната пензија, биле спротивни на принципот на еднаквост, со тоа што новите пензионери ги доведувала во нерамноправна и понеповолна положба во однос на тие што се пензионирале според поранешниот Закон за пензиско и инвалидско осигурување, што било во несогласност со Уставот на Република Македонија.

Притоа, Судот со Решение У.бр.205/94 од 18 јануари 1995 година не повел постапка за оценување уставноста на означената законска одредба и оценил дека пензиската основа, а со тоа и мерилата за висината на старосната пензија, утврдени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се однесуваат на сите осигуреници подеднакво и на тој начин не се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните. Тоа, што пак, осигурениците не остваруваат еднакви права, туку обемот на нивните права, односно старосната пензија зависи од должината на пензискиот стаж иод месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигуреувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година, исто така, не значи повреда на тој уставен принцип”.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.217/96)