234/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план бр.08-237/1, донесена од Собранието на Општина Гостивар на 14 јуни 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Велија Салију, Максут и Себеден Дезаир од Гостивар му поднесоа иницијатива за преиспитување на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што при оценувањето на законитоста Судот погрешно утврдил дека како резултат на забелешка на јавната расправа бил изграден објект П+2 на КП.2396 и што Судот не се произнел по наводите во иницијативата дали одлуката е во согласнсот со член 12 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, и дали при донесување на планот се водело сметка за зелените површини во градот, дали биле консултирани стручњаци од областа на заштитата на човековата околина, дали се нарушувала инсолоцијата на веќе изградените објекти и дали било овозможен пристапен пат до веќе изградените објекти.

3. На седницата Судот утврди дека по поднесена иницијатива од истите подносители со Решение У.бр.119/96 од 9 октомври 1996 година не повел постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план бр.08-231/1 од 14 јуни 1994 година во делот на КП.2396 во Гостивар, затоа што во постапката за донесување на Одлуката било одржана јавна расправа и дека како резултат на забелешка на граѓаните од јавната расправа бил вцртан објект П+2 на КП.2396.

4. Разгледувајќи ги повторно наводите во иницијативата и од решението за неповедување постапка, Судот оцени дека нема основ за поинакво одлучување.

Имено, во однос на наводот во иницијативата дека Судот не ја оценувал оспорената одлука во однос на член 12 став 2 од Законот и дека тој навод во иницијативата не е опфатен Судот оцени дека со тој член се уредува прашање на целисходност на плановите за што согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.234/96)