200/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ

а) Одлуката за начинот и постапката за измени и дополнување од помал обем на урбанистичките планови донесена од Собранието на Општина Штип на 20 мај 1991 година, и

б) Решението за измена од помал обем на Деталниот урбанистички план на град Штип, донесено на 12 септември 1994 година од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија Подрачна единица Штип.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Милка, Сашо и Владимир Мијалкови од Скопје поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 б). Исто така Судот по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 а) од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со законот.

4. На седницата Судот утврди дека на 30 јуни 1994 година Собранието на Општина Штип донело Одлука за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план според кој во точката 10 е предвидено деловен простор на ул. Борис Кидрич сопственост на Митев Киро и доградба на индивидуална станбена зграда сопственост на Јордан Мијалков. Подоцна врз основа на член 17 и 21 од Одлуката за начинот и постапката за измени и дополнување од помал обем на урбанистичките планови донесена од Собранието на општината Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – Подрачна единица Штип на 12 септември 1994 година го донело оспореното решение.

Според ова решение е предвидено дека во Деталниот урбанистички план се врши измена од помал обем и тоа се зголемува катноста на деловниот објект на ул. Борис Кидрич од приземје на приземје и кат. Оваа измена е извршена и во графичкиот приказ на Планот.

Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (Сл. весник на Република Македонија бр.38/85, 18/89 и 38/90, кој важел во времето на донесувањето на оспореното решение просторните и урбанистичките планови во фаза на нацрт задолжително се ставаат на јавна расправа. Согласно член 34 од Законот собранијата на општините ги донесуваат урбанистичките планови од подрачјето на општината, а според член 37 став 2 од Законот изменувањата и дополнувањата на плановите се вршат на начин и во постапка пропишана со закон како и за нивно донесување.

Со оглед на тоа што оспореното решение со кое се врши измена на урбанистичкиот план не е донесено од Собранието на општината кое според Законот е овластено да ги донесува урбанистичките планови, туку тоа е донесено од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.-Подрачна единица Штип како и со оглед на тоа што тоа не е донесено во постапка предвидена со закон односно со него се вршат измени на Урбанистичкиот план без да се спроведе постапка, Судот утврди дека оспореното решение не е во согласност со законот.

5. Исто така Судот утврди дека оспорното решение е донесено врз основа на член 17 и 21 од Одлуката за начинот и постапката за измена и дополнување од помал обем на урбанистичките планови донесено од Собранието на Општина Штип а основ за нејзино донесување се членовите 45 и 46 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

Со одлуката се регулираат условите и начинот и постапката за изменување и дополнување од помал обем на деталните урбанистички планови а тоа опфаќа измена на габаритот, измена на намена на дел од објектот, доградба и надградба на објектот и измена на нивелационата кота и градежната линија.

Според член 46 од наведениот Закон, собранието на општината може со општ акт да ги утврди поблиските услови за градба во поглед на доградбата, надградбата на објектот и други подетални услови за градба.

Од наведените одредби произлегува дека Законот ги задолжил собранијата на општините во рок од една година од донесувањето на законот да ги усогласат урбанистичките планови, а во интервалот до нивното усогласување ги овластил да донесуваат општи акти кои се од времен карактер со кои ќе ги утврдат поблиските услови за градба.

Според тоа овие односи собранијата можеле да ги уредуваат во период од една година односно од 27 ноември 1990 година до 27 ноември 1991 година.

Со оглед на тоа што со одлуката се регулираат односи и по истекот на рокот од една година даден во Законот, Судот утврди дека таа не можела да произведува правно дејство по истекот на рокот односно по 27 ноември 1991 година.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.200/96)