Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 179-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување -“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95 и 71/96 (член 21 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување – “Службен весник на Република Македонија” бр.14/95).
2. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Републичкиот одбор на Сојузот на пензионерите на Македонија, со Решение У.бр.174/95 од 17 јули 1996 година повел постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што пред Судот се постави прашањето за нејзината согласност со член 30 став 1 и член 58 став 1 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека со член 179-а од Законот се определува оти со домовите и становите за живеење на корисниците на пензија, објектите наменети за клубови за дневен престој, објектите наменети за одмор и рекреација на корисниците на пензија и други објекти што се државна сопственост, управува Фондот (став 1) и оти Фондот со општ акт ги утврдува функцијата и дејноста на овие објекти, како и начинот и условите на нивното работење (став 2).
4. Според мислењето на Судот, определувајќи Фондот да управува со пензионерските објекти, законодавецот всушност го уредува преодниот режим околу начинот на работењето на пензионерските објекти до конечно регулирање на прашањето за сопственоста над тие објекти.
Таквата законска одредба, пак, има основа во член 30 од Уставот, според кој мора да е познат титуларот на сопственоста, како и во член 7 став 1 алинеја 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, според кој со закон се определува начинот на трансформацијата на општествената сопственост.
Притоа, на кој начин ќе се трансформира оваа општествена сопственост е работа на законодавецот.
5. Што се однесува, пак, до член 95 од Уставот на СР Македонија, според кој здруженијата на граѓаните (што значи и здруженијата на пензионерите) можеле да имаат во сопственост недвижности во граници и под услови определени со закон, Судот смета дека таквото уставно решение останало нереализирана определба, со оглед дека таков закон во тоа време не бил донесен, и дека општинските здруженија на пензионерите не издвојувале средства за изградба на тие домови од членарините.
Исто така, според член 14 став 2 од Уставот на СР Македонија, никој не можел да стекне право на сопственост на општествените средства што биле материјална основа за остварување на функциите на самоуправните интересни заедници, а таква материјална основа за остварување на функциите на СИЗ за пензиското и инвалидското осигурување , според член 6 став 2 од Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување, биле домовите за живеење на пензионерите, клубовите за дневен престој, рестораните и објектите за одмор и рекреација на корисниците на пензија и други.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.174/95)