219/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Мислењето бр.16-4990/1 донесено од директорот на Управата за јавни приходи на 5 декември 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Светозар Георгиевски од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение затоа што со него било дадено автентично толкување на закон, а тоа право било резервирано само за оној што го донесува законот, што со него било предвидено да се плаќа персонален данок од доход за патни и дневни трошоци за службени патувања доколку тие трошоци биле направени од невработено лице, а Законот не правел разлика меѓу вработено и невработено лице и што не било објавено, што не било во согласност со Уставот и со закон.

Воедно во иницијативата се бара Судот да донесе решение со кое ќе ги запре од извршување поединечпните акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот акт.

3. Судот на седницата утврди дека со оспореното мислење кое е упатено од Управата за јавни приходи до дирекцијата и сите одделенија на Управата за примена на член 6 од Законот за персонален данок од доход, а по однос на правото за исплата на надоместокот за покривање на трошоците за користење сопствено возило за службени цели и обврската за плаќање персонален данок од доход на лица кои не се вработени кај работодавец туку за него обавуваат определена услуга.

4. Судот на седницата утврди дека мислењето упатено од Управата за јавни приходи до дирекцијата и нејзините одделенија не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија бидејќи предмет на ова писмо е примената на член 6 став 1 точка 4 од Законот за персонален данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 70/94). Имено, според овој член од Законот, на примањата остварени како надоместок за патни и дневни трошоци за службени патувања не се плаќа персонален данок од доход. Во таа смисла во ова писмо Управата за јавни приходи изнесува свои мислења и сугестии во однос на обврските на лица кои не се во редовен работен однос да плаќаат персонален данок од доход и на примањата остварени од патни и дневни трошоци односно од службени патувања за користење на свој автомобил бидејќи истите имале карактер на договор за дело.

5. Со оглед на тоа што за примената на законите Судот не е надлежен да одлучува одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе мнозинствено во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.219/96)