141/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за замена на шуми и шумско земјиште со шуми и шумско земјиште (арондација), донесен од Работничкиот совет на Работната организација ШИК “Јелак” – Тетово, на 14 април 1980 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Ариф Јусуфи и Миљазим Даути од с.Раковец – Тетово, застапувани од Зоран Томиќ, адвокат од Тетово, со решение У.бр.141/96 од 6 ноември 1996 година поведе постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со закон.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен од Работничкиот совет на Работната организација.

Со одредбата од член 7 од Правилникот се предвидува постапката за замена (арондација) на шумите и шумското земјиште да ја води општинскиот орган надлежен за работите на шумарство, односно органот на управување во Работната организација која стопанисува со шумите и шумското земјиште.

Согласно член 8 од Правилникот предлогот за арондација се поднесува до работната организација која управува и ги користи шумите и шумското земјиште, а според одредбата од член 12 од Правилникот органот на управување во Претпријатието донесува одлука за арондација.

Со останатите одредби од Правилникот се уредуваат прашања од процедурална природа во врска со замената на шуми и шумско земјиште со шуми и шумско земјиште (арондација), начинот на вршењето на замената и постапката за спроведувањето на истата.

5. Согласно член 104 став 1 од Законот за шумите (“Службен весник на СРМ” бр.20/74, 15/86, 51/88, 20/90, 37/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.44/91 и 83/92) арондација на шуми може да се врши заради порационално стопанисување со шумите, за механизација на шумските работи, за спроведување на мелиорациони и противерозивни работи, за поуспешна заштита на шумите, пошумување и подигање на плантажи од дрвја.

Со членот 105 став 2 од Законот се определува дека при арондација на шумите сходно се применуваат прописите за арондација на земјоделско земјиште.

Согласно член 6 од Законот за арондација (“Службен весник на СРМ” бр.18/76) одлука за спроведување на арондација донесува собранието на општината на седница врз оснвоа на предлог на корисникот на арондацијата.

Според ставот 2 на овој член од Законот, постапката за арондација ја спроведува општинскиот орган на управа што ќе го одреди собранието на општината.

Во членот 10 од Законот е предвидено дека предлогот за арондација се поднесува до собранието на општината; дека во рок од 15 дена од поднесувањето, истиот се истакнува на огласна табла во просториите на собранието на општината и дека во рок од 30 дена од денот на истакнувањето на предлогот за арондацијата, сопствениците чие земјиште се предлага за арондација, можат да поднесат приговор на тој предлог до собранието на општината.

Како што се гледа од наведените законски одредби, арондација на шумите се врши заради порационално стопанисување со шумите, спроведување на мелиоративните работи, заштита на шумите и сл. и истата се спроведува според прописите за арондација на земјоделско земјиште, на предлог на заинтереисраниот субјект, за што решава собранието на општината, односно неговиот орган на управа надлежен за работите на шумарство.

Со оглед на тоа дека одредбата од член 7 од Правилникот која во постапката за арондација на шумите како алтернативен надлежен орган го предвидува органот на управувањето во Работната ораганизација што стопанисува со шуми и шумско земјиште, Судот оцени дека е несогласна со член 6 став 2 од Законот за арондација.

Исто така, одредбата од членот 8 од Правилникот која предвидува предлогот за арондација да се поднесува до Работната организација, според оценката на Судот, е во директна спротивност со член 10 став 1 од Законот за арондација, според кој предлогот за арондација се поднесува до собранието на општината.

Одредбата од член 12 од Правилникот која предвидува одлука за спроведување на арондација да донесува органот на управување во претпријатието, а не надлежниот државен орган, според оценката на Судот е несогласна со член 6 став 1 од Законот за арондација според кој ваквата одлука ја донесува собранието на општината на седница, врз основа на предлог на корисникот на арондацијата.

Имајќи го предвид изнесеното, а посебно фактот дека одлука за спроведување на арондација, според истоимениот закон, донесува собранието на општината, Судот оцени дека оспорениот правилник, донесен од Работничкиот совет на Работната организација ШИК “Јелак” – Тетово , е донесен од ненадлежен орган, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.141/96)