94/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 и член 7 став 3 од Законот за постапката за собирање потписи на избирачи за предлагање за донесување закон, за распишување на референдум и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Сашо Врбовски и Васко Костески од Битола му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на член 2 и член 7 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите, со оспорената одредба на член 2 од Законот се нарушувало уставното право иницијатива да може да даде секој граѓанин и институција, што не било во согласност со член 71 став 2 од Уставот, а со оспорената одредба на член 7 став 3 од Законот се ограничувало времетраењето на собирањето на потписи, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и став 2, членовите 71, 73 и 130 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Законот иницијатива за собирање потписи на избирачи за предлагање за донесување закон, за распишување на референдум, како и потписи на избирачи за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, може да покренат 100 избирачи, регистрирана политичка партија или здружение на граѓани (во понатамошниот текст: иницијатор).

Според член 7 став 3 од Законот рокот за собирање на потписи за предлагање за донесување закон е три месеци, а за распишување на референдум и поднесување на предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија е шест месеци од денот на започнувањето на собирањето на потписи.

4. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Според став 2 од овој член на Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и со закон не е забрането.

Според член 71 став 1 од Уставот, право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата на Република Македонија и најмалку 10.000 избирачи. Според ставот 2 од овој член на Уставот иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија.

Со член 73 став 3 од Уставот е утврдено дека Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи, а според член 130 од Уставот, предлог за пристапување кон изменување на Уставот на Република Македонија може да поднесат Претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.

Според член 81 став 1 од Уставот, кандидат за претседател на Републиката можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.

Од наведените уставни одредби јасно произлегува дека Уставот овозможува непосредно учество на граѓаните во одлучувањето по одделни прашања, односно нивно непосредно учество во остварувањето на власта во Републиката. Имено, таквата определба на нормативниот дел на Уставот е во функција на остварување на основната одредба (член 2 од Уставот) дека во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. На тој начин се афирмира граѓанскиот карактер на државата. Во тој контекст посебно значење има определбата на Уставот, покрај остварувањето на власта преку демократски избраните претставници, граѓаните да ја остваруваат и непосредно, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Уставот го утврдува само потребниот цензус што треба да се обезбеди за да се овозможи остварување на наведените уставни права, а не содржи норми за постапката и начинот на остварување на тие права. Со Законот за избор на претседател на Република Македонија се разработени прашањата што се однесуваат на начинот за остварувањето на уставното право кандидат за претседател на Републиката да можат да предложат најмалку 10.000 избирачи, покрај другиот овластен предлагач – најмалку 30 пратеници. Во Законот за републички референдум се утврдени прашањата за кои се распишува референдумот и постапката за спроведување на самиот референдум, а не и начинот на собирањето на потребниот број потписи за распишување на задолжителен референдум во смисла на член 73 став 3 од Уставот.

Во функција на операционализација на деловите од наведените уставни одредби, односно за создавање на реални услови за остварување на тие уставни права на граѓаните, кога како предлагачи за донесување на закон, за распишување на референдум и за пристапување кон измена на Уставот, се јавуваат уставно определен број избирачи односно граѓани, е донесен Законот за постапката за собирање потписи на избирачи за предлагање за донесување закон, за распишување на референдум и за поднесување паредлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија. Со овој закон се уредува постапката за собирање потписи, се пропишуваат обрасците за собирање на потписи и се опаределуваат органите пред кои се даваат потписите. Одредбите на овој закон во основа имаат технички карактер.

Со оспорената одредба на член 2 од Законот само се определува кој може да покрене иницијатива (100 избирачи, регистрирана политичка партија или здружение на граѓани) за собирање потписи на избирачи за предлагање за донесување закон, за распишување на референдум, како и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот. Според тоа, таа одредба е во посредна врска со член 71 став 1 од Уставот во смисла на тоа што определува кој може да покрене иницијатива за собирање потписи на најмалку 10.000 избирачи, како еден од овластените предлагачи за донесување на закон, а не и со ставот 2 од овој член на Уставот, од кој недвосмислено произлегува дека иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи (секој пратеник во Собранието, Владата на Република Македонија и најмалку 10.000 избирачи) може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија.

Всушност, според мислењето на Судот, се работи за три посебни постапки. Според едната се утврдува кој има право да предлага донесување на закон, како посебна фаза во постапката за донесување на закон, а што впрочем е уредено со член 71 став 1 од Уставот, според другата се утврдува кој може да даде иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи, како претходна фаза во постапката за донесување на закон, што, исто така, е уредено со ставот 2 на овој член од Уставот. Третата посебна постапка е постапка за собирање потписи на избирачи за да се стекне и докаже својството на овластен предлагач за донесување на закон, која не е дел од постапката за донесување закон, а која всушност е предмет на уредување на Законот и неговата оспорена одредба.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од Законот, соред мислењето на Судот, оспоредните одредби не содржат материјално-правни претпоставки кои влијаат на остварувањето на уставно утврдените права на избирачите односно граѓаните во однос на правото на предлагање донесување на закон, поднесување на предлог за распишување референдум и поднесување предлог за пристапување кон изменување на Уставот. Тоа што законодавецот се определил за 100 избирачи како еден од можните иницијатори за собирање потписи, не подразбира дека со тоа се исцрпува можноста од иницијативна постапка за друга таква група на избирачи, туку ја обезбедува само легитимноста на таа група избирачи, која во натамошната постапка комуницира со надлежните органи во остварувањето на целта на конкретната иницијатива.

Што се однесува до временската ограниченост на иницијативната постапка за собирање на потписи, исто така, Судот смета дека утврдените рокови се само оптималните рокови за остварување на една конкретна започната иницијатива, а не ограничување на правата на граѓаните и на избирачите да не можат да покренат друга иницијатива или, пак, обврска на покренувачите на конкретната иницијатива, да чекаат да изминат предвидените рокови, ако веќе го собрале потребниот цензус на потписи утврден со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со напред наведените одредби од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.94/96)