210/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 25 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95) и за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.02-2513/1 од 26 мај 1994 година, донесена од Работничкиот совет на Авто транспортното претпријатие во општествена сопственост “Пролетер” ц.о. Скопје.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ѓорѓи Андов адвокат од Куманово, му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 25 од Законот за превоз во патниот сообраќај и за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од член 25 од Законот за превоз во патниот сообраќај, според која правното лице кое управува со автобуската станица е должно да врши услуги за сите превозници под еднакви услови и со еднаков надоместок по автобус, не била во согласност со член 55 од Уставот на Република Македонија, од причина што со оваа одредба не било предвидено кои правни лица не можат, односно не смеат да управуваат со автобуските станици, а тоа се, според подносителот, правните лица кои што се превозници во патниот сообраќај, бидејќи со тоа им се давало можност да обезбедат за себе монополска положба. Подносителот смета дека оспорената одредба од Законот треба да биде дополнета на начин што ќе се определи дека со автобуските станици можат и смеат да управуваат само посебни правни лица кои се специјализирани за таа работа и кои не се превозници.

По однос на оспорената Одлука, во иницијативата се наведува дека истата не била во согласност со член 55 од Уставот на Република Македонија, со член 15 од Законот за облигационите односи и член 30 од Законот за превоз во патниот сообраќај, бидејќи нејзиниот доносител, користејќи ја својата монополска положба, наплаќал надомест за услуга која не ја извршувал.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одредба од член 25 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95) е предвидено дека правното лице кое управува со автобуската станица е должно да врши услуги за сите превозници под еднакви услови и со еднаков надомест по автобус, додека со оспорената одлука се утврдени видовите и цената на станичните услуги кои ги дава доносителот на Одлуката.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на иницијативата Судот утврди дека подносителот ја оспорува одредбата од член 25 од Законот за превоз во патниот сообраќај поради тоа што смета дека истата е непотполна, од причина што не содржи ограничување едно правно лице истовремено да биде и превозник и да управува со автобуска станица.

Оттука произлегува дека подносителот всушност бара дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај со одредба која би ја исклучила можноста на правните лица-превозници истовремено и да управуваат со автобуските станици, за какво што барање Уставниот суд не е надлежен да одлучува, имајќи ја предвид цитираната уставна одредба.

Од содржината, пак, на оспорената одлука бр.02-2513/1 од 26.05.1994 година, Судот утврди дека во неа само се наведени видовите на станичните услуги кои што патниците можат да ги добијат на автобуската станица во Скопје и цената на чинењето на тие услуги. Со оваа одлука не се уредуваат на општ начин одредени односи, туку истата претставува акт донесен во функција на работењето на неговиот доносител како стопански субјект врз основа на кој се наплаќаат станичните услуги кои ова правно лице им ги дава на патниците, поради што, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да ја цени нејзината уставност и законитост.

5. Од наведените причини, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.210/96)