187/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Ценовникот на основните аеродромски услуги, со важност од 16 ноември 1994 година, во делот кој се однесува на “Хендлинг” тарифата, донесен од Јавното претпријатие за аеродромски услуги “Македонија”-Скопје.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Друштвото за воздушен сообраќај – Македонски авио транспорт “Палер” АД-Скопје, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорениот акт, во делот кој се однесувал на “Хендлинг” тарифата, бил во спротивност со член 8 од Уставот на Република Македонија, бидејќи бил спротивен со меѓународните норми, и член 55 од Уставот на Република Македонија, бидејќи ги ставал во нерамноправна положба субјектите на пазарот, на начин што со овој акт цената на “хендлинг” услугите била утврдена според типот на воздухопловот, а не според неговата тежина и бројот на седиштата.

3. На седницата Судот утврди дека оспорениот акт престанал да важи, бидејќи Јавното претпријатие за аеродромски услуги “Македонија”-Скопје, донело нов Ценовник на основни аеродромски услуги со важност од 29 јули 1996 година.

4. Согласно член 11 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, постапката за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт се поведува со решение на Уставниот суд по повод поднесена иницијатива.

Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека оспорениот акт – Ценовникот на основните аеродромски услуги, со важност од 16 ноември 1994 година, престанал да важи со донесувањето на Ценовникот на основни аеродромски услуги, со важност од 29 јули 1996 година, односно дека овој акт престанал да постои пред да биде поведена постапка за оценување на неговата уставност, во смисла на цитираната одредба од член 11 од Деловникот, Уставниот суд оцени дека нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата поднесена на 15.07.1996 година, поради непостоење на актот кој се оспорува, па од овие причини одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.187/96)