178/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 160 точка 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95), во делот кој гласи “општи акти за поблиско уредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување”.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.178/96 од 25 септември 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 160 точка 6 од Законот е предвидено во фондот да се донесуваат статут на Фондот и општи акти за поблиско уредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

5. Во член 34 од Уставот на Република Македонија е определено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Од оваа уставна одредба произлегува дека правата од областа на социјалното осигурување се утврдуваат со закон и со колективен договор. Притоа, со Уставот не се определува обемот на законското уредување и прашањата што ќе бидат уредени со колективни договори. Исто така, Уставот не ја определува содржината на социјалното осигурување односно правата што следуваат врз основа на ова осигурување. Тоа значи дека со законот или со законите од оваа област како и со колективни договори треба да бидат утврдени правата од социјалното осигурување кои еднакво ќе се однесуваат на сите осигуреници.

Притоа, од наведената уставна одредба произлегува дека не е допуштена можност со општи акти на Фондот поблиску да се уредуваат правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување.

Со оглед на тоа што во оспорениот член 160 точка 6 од означениот дел од Законот е генерално овластен Фондот на пензиското и инвалидското осигурување да донесува општи акти со кои поблиску ќе се уредат правата од пензиското и инвалидското осигурување, кои според Уставот можат да бидат уредени само со закон и со колективни договори, Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со член 34 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.178/96)