Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”бр.70/92) на седницата одржана на 4 декември 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за отстапување земјиште на трајно користење, донесена од Собранието на АД “Југотутун” Велес на 10 септември 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Младен Петревски од Координациониот одбор на оштетени акционери од АД “Југотутун” од Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што со неа се отуѓувал дел од имотот на Акционерското друштво, со цел да се намали откупната цена на претпријатието кое требало да се приватизира, со што лицата кои отишле во пензија го изгубиле правото да добијат акции од претпријатието. Оспорената одлука била донесена во спротивност со одредбите од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
Од овие причини се бара од Уставниот суд да ја поништи оспорената одлука и да и наложи на Агенцијата за трансформација оштетените пензионери да ги внесе во книгата на повластени акционери, т.е. да го задолжи “Југотутун” да бидат запишани во нивниот регистар, бидејќи уплатата од 66,82% од вкупниот доход го оствариле токму оштетените пензионери.
3. Судот на седницата утврди дека според точка 1 од оспорената одлука земјиштето кое се наоѓа во КО Согле и Бистрица сопственост на АД “Југотутун – Нада Бутникошарова” од Велес, се отстапува на трајно користење на АК “Лозар” од Велес.
Со точка ИВ од Одлуката е предвидено дека врз основа на оваа одлука ќе се склучи писмен договор помеѓу АД “Југотутун” и АК “Лозар” и ќе се изврши промена на сопственоста во Републичката геодетска управа – одделение за премер и катастар во Велес.
Од содржината на оспорената одлука Судот утврди дека таа не претставува пропис со кој нормативно се уредуваат односи кои би се однесувале на неопределен број субјекти, туку таа претставува поединечен акт поради што оцени дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да ја оценува нејзината уставност и законитост.
4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.221/96)