Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 ноември 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на одредбите од Глава ВИ точка 2 од Колективниот договор на АД “ОХИС”-Скопје, Глава В од Колективниот договор за дејноста хемиска индустрија (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/94) и член 42 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”, бр.29/94).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ристо Новоселски од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одредбите од Глава ВИ од Колективниот договор на АД “ОХИС”- Скопје со кои е регулиран институтот “привремен принуден одмор” и соодветните одредби од Колективниот договор на дејноста хемиска индустрија и Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, во која наведува дека одредбите со кои се востановувал институтот “привремен принуден одмор” биле во спротивност со Законот за работните односи, истиот ги намалувал основните права од работен однос кои биле загарантирани со Законот за работните односи и во целост бил надвор од рамките на Законот за работните односи во кој таков институт не бил предвиден. Според тоа привремен принуден одмор не можел да се предвиди со колективен договор, бидејќи со колективен договор согласно законот можеле само да се доуредуваат одредени права од работен однос, но не и да се уредуваат односи кои не биле предвидени со закон.
3. Судот утврди дека во Глава ВИ точка 2 од Колективниот договор на АД “ОХИС”-Скопје и во Глава В од Колективниот договор за дејноста хемиска индустрија, се уредени условите за упатување на работниците на привремен принуден одмор, како и нивните права и должности, додека во член 42 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, е предвидена можност работодавецот да може да донесе одлука за организирање на привремен принуден одмор во согласност со условите утврдени со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец.
4. Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 1 од Законот за работните односи, со овој закон се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос. Под работен однос во смисла на овој закон се подразбира договорен однос меѓу работникот и работодавецот заради вршење на определени работи и остварувње на правата и обврските од тој однос.
Според член 2 на овој Закон, работниот однос се уредува со овој закон или со друг закон и колективен договор. Според тоа Законот за работни односи остава можност работните односи да бидат уредени и со други закони при што овој закон во однос на другите закони ќе се применивува како леџ генералис. Исто така Законот за работните односи остава бројни односи вработените и работодавците изворно да ги уредат или доуредат со колективни договори тргнувајќи од принципот дека уредувањето на работните односи е нивно автономно право, со обврска таквото уредување да не е во спротивност со законот.
Според член 84 од Законот, со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. Колективниот договор се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работниците и на работодавците кои го склучиле и за сите работници и работодавци во чие име договорот е склучен.
Според оваа законска одредба, колективниот договор претставува двостран акт со кој се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците од една страна и на работодавците од друга страна, кои произлегуваат од работен однос.
Категоријата привремен принуден одмор не е регулирана со Законот за работни односи туку оваа материја е исклучиво предмет на уредување на колективните договори. При тоа треба да се има предвид дека привремениот принуден одмор се воведува во колективните договори како последица на објективните околности во кои запаѓаат претпријатијата како што се блокирање на пазарите, воведување на рестрикции при снабдувањето со суровини и при пласирањето на производите и услугите, промена во структурата на организацијата и организацијата на работење на работодавачот и друго. Со упатувањето на привемен принуден одмор, работникот ги задржува основните права од работниот однос утврдени со Устав и закон.
5. Од овие причини, имајќи предвид дека согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија и одредбите од Законот за работните односи, работниците и работодавецот имаат можност со колективен договор да ги уредат меѓусебните права и обврски од работниот однос за кои што постои заеднички интерес за такво уредување, Судот најде дека оспорените одредби од предметните колективни договори не се во несогласност со Законот за работните односи, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.197/96)