Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 ноември 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот за ратификација на Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк на 13 септември 1995 година (“Службен весник на Република Македонија – меѓународни договори” бр.48/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Светскиот македонски конгрес, претставуван од Тодор Петров, претседател на Конгресот му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што: оспорениот закон, односно неговиот член 1, како и Привремената Спогодба, што е ратификувана со овој закон не биле во согласност со Уставот; привремената Спогодба била потпишана од лице кое немало активна уставна и законска легитимација за нејзино потпишување; а именувањето на Република Македонија во Спогодбата како Втора страна” или со привремената референца како “Поранешна Југословенска Република Македонија било во спротивност со референдумот од 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија дека “се за самостојна и суверена држава Македонија”, како и во спротивност со Повелбата на Обединетите нации и сите други меѓународни документи. Понатаму, со преговорите што се воделе околу постигнување на договор за разликите околу името на државата, за промена на името, за име за двојна или тројна употреба и слични игри околу името на Македонија, можело да настанат тешко отстранливи последици по независноста и опстанокот на државата Македонија, поради што Уставниот суд имал обврска да интервенира поништувајќи го или укинувајќи го оспорениот закон и донесувајќи решение за запирање на таквите преговори.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот, се ратификува Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк на 13 септември 1995 година, која во оригинал на англиски јазик и во превод на македонски јазик гласи:
Во натамошниот текст е даден текстот на Привремената Спогодба.
4. Тргнувајки од фактот дека Уставниот суд постапувајки по предметот У.бр.341/95, веќе ја оценувал уставноста на член 1 од Законот за ратификација на Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк на 13 септември 1995 година и дека, притоа, со Решение У.бр.341/95 од 24 јануари 1996 година не повел постапка за оценување уставноста на овој член од Законот, бидејќи оценил дека тој е во согласност со одредбите на Уставот, Судот утврди дека за истата работа веќе одлучувал и не наоѓа основи за поинакво одлучување.
Во однос на наводите во иницијативата за несогласноста на Привремената Спогодба со Уставот, тргнувајки од одредбата на член 118 од Уставот според која меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон, а согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не и за меѓународните договори, Судот смета дека оценката за согласноста на меѓународен договор со Уставот ја врши Собранието на Република Македонија во постапката на ратификацијата на меѓународниот договор, кој после негово ратификување станува дел на внатрешниот правен поредок, а со тоа и директно извршлив.
Исто така, во однос на наводите и барањата со иницијативата, Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што се преземаат во остварување на член 5 став 1 од Привремената Спогодба, односно да наложи прекин на преговорите меѓу македонските и грчките владини претставници, Судот смета дека излегуват надвор од надлежноста на Судот, односно тој не е надлежен да ги оценува, забранува или запира дејствијата што надлежните органи ги преземаат во вршењето на нивните функции утврдени со Уставот и со закон.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.230/96)