181/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 70 став 2 од Законот за девизно работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/93), во делот што гласи

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Слободан Ивановски од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на дел од одредбата на член 70 став 2 од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што го ограничувала правото на сопственикот на девизите кои ги држел на девизната сметка или на девизната штедна книшка да ги стави на располагање и на други граѓани, а не само на членовите на неговото потесно семејство, што не било во согласност со член 54 став 3 и со член 59 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека според член 70 став 1 од Законот домашните физички лица девизите можат да ги стават на девизна сметка или на девизна штедна книшка кај овластените банки, а според ставот 2 на овој член, девизите кои ги држат на девизните сметки или на девизните штедни книшки домашните физички лица можат да ги користат за плаќање на увоз на стоки и услуги и други видови на плаќање согласно одредбите со кои е уредено надворешно-трговското работење и тоа за сопствени потреби и за потребите на членовите на потесното семејство. Со ставот 3 на овој член е праедвидено дека како членови на потесното семејство на домашните физички лица во смисла на овој закон, се сметаат брачниот другар, децата, родителите, браќата и сестрите.

Од наведената законска одредба произлегува дека девизите кои ги држат на девизните сметки или на девизните штедни книшки, домашните физички лица можат да ги користат за плаќање на увоз на стоки и услуги и други видови на плаќање согласно на одредбите од Законот за надворешно-трговското работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/93, 78/93 и 59/96), за сопствени потреби и потребите на членовите на потесното семејство. Притоа, Законот ги определил и членовите на потесното семејство.

4. Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а со ставот 3 од овој член е предвидено дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално и социјално потекло, имот или општествена положба.

Со членот 59 од Уставот е предвидено дека на странските вложувачи им се гарантира правото на изнесување на вложениот капитал и добивката, а според ставот 2 од овој член, правата стекнати врз основа на вложениот капитал не може да се намалуваат со закон или друг пропис.

Со член 1 став 1 од Законот за девизното работење е предвидено дека со овој закон се уредуваат финансиските и другите економски трансакции меѓу домашните и странските лица, платниот промет со странство, девизното работење на банките, девизниот пазар и девизните резерви, располагањето со девизи од страна на граѓаните во Република Македонија, прометот со злато како и девизниот пазар и контрола. Според член 6 од овој закон, Народната банка, во рамките на своите права и обврски, е одговорна за одржување стабилноста на денарот, а според ставот 2 од овој член, стабилноста на денарот трајно се одржува со одредени мерки на економската политика со кои се обезбедува зголемување на извозот и усогласено извршување на платниот биланс.

Според член 2 од Законот, девизите можат да се користат само за плаќање во странство. Плаќањето по тековните трансакции спрема странство се врши слободно, а со член 8 став 1 од овој закон е предвидено дека домашните физички лица можат да држат девизи кај овластените банки на девизна сметка или девизна штедна книшка и да ги користат за плаќање во странство, доколку поинаку не е утврдено со закон.

Според член 14 од овој закон, со одлуката за девизна политика се уредува: политиката на извозот на стоки и услуги и другите форми на економски односи со странство, поттикнување на извозот, утврдување на политиката на плаќање на домашните лица спрема странство, увозот заштитата на политиката, курсот на денарот, изнесувањето на капитал во странство, девизните резерви и кредитните односи со странство, а според ставот 2 од овој член одлуката за девизна политика ја донесува Собранието на Република Македонија на крајот на тековната година на следната година.

Од изнесеното произлегува дека правниот режим за располагање со девизите на граѓаните од девизните сметки и штедните книшки, конкретно режимот на располагање на девизите во платниот промет со странство е децидно уреден со Законот. Во таа смисла, Законог ги утврдил и условите под кои домашните физички лица можат да ги користат девизите за плаќање на увоз на стоки и услуги и други видови плаќање, согласно одредбите на Законот за надворешно-трговското работење.

Судот смета дека државата во рамките на законодавната функција е должна да утврди мерки на девизната политика со кои ќе обезбеди одржување стабилноста на денарот, зголемување на извозот и усогласено извршување на платниот биланс. Во таа смисла законодавецот предвидел исклучок за плаќање со девизи од девизните сметки или девизните книшки на домашните физички лица за увоз на стоки и услуги само за сопствени потреби и за потребите на членовите на потесното семејство. Притоа, Судот смета дека со оспорената одредба не се ограничуваат слободите и правата на граѓаните по основ на имотната положба, туку само се определува начинот на располагањето со девизите во надворешно-трговското работење. Ова и од причини што во Републиката законско платежно средство е денарот и оттука, според мислењето на Судот, произлегува и правото на државата да го уреди и режимот со располагање со девизите од девизните сметки и девизните книшки.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 54 став 3 од Уставот.

5. Во поглед на наводот во иницијативата дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со член 59 став 2 од Уставот затоа што со неа се намалувале правата стекнати врз основа на вложен капитал, Судот утврди дека оваа уставна одредба се однесува на странски вложувачи, а не и за домашните физички лица учесници во прометот со странство.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.181/96)