196/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за укинување на Одлуката на СО Тетово за распишување референдум за лично изјаснување на граѓаните за нова територијална поделба на сегашната општина Тетово (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Собранието на Општината Тетово му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одлука не била во согласност со Уставот, Законот за локална самоуправа и Законот за Владата и таа била нецелисходна, аполитична и неспроведлива. Имено, според наводите во иницијативата, граѓаните во општината, согласно членовите 114 и 115 од Уставот, непосредно и преку претставници учествувале во одлучувањето за прашањата од локално значење и дека општината била самостојна во вршењето на своите уставни и законски надлежности, што значело дека Владата немала надлежност да цени кога локалната самоуправа за одделни витални прашања ќе ги консултирала граѓаните.

Исто така, во член 20 од Законот за локалната самоуправа било предвидено непосредно учество на граѓаните во одлучувањето за прашања од локално значење вклучувајќи го и референдумот, а од член 41 од Законот за Владата и член 68 од Законот за локалната самоуправа немало место за надзор на Владата врз органите на општината, дотолку повеќе што, со распишаниот референдум не се создавале права и обврски за граѓаните туку само се тестирало и консултирало нивното мислење за уредување на новите подрачја на општината Тетово во нови општини. Понатаму, оспорената одлука била нецелисходна и аполитична од причини што со неа се суспендирало правото на граѓаните и нивните органи на локална самоуправа и изнаоѓање на најцелисходни решенија за прашањата од нивен непосреден интерес, како и тоа дека истата била неспроведлива бидејќи влегувала во сила со нејзиното донесување, а не било утврдено од кога ќе се применува и дали има повратно дејство. На крајот, се укажува на тоа дека биле преземени низа организационо-технички и други активности за спроведување на референдумот, така што укинувањето на Одлуката од страна на Владата, имало далекусежни, материјални и психополитички последици за општината и создавала нерасположение кај граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека со точка 1 од оспорената одлука, која Владата на Република Македонија ја донела врз основа на член 41 од Законот за Владата на Република Македонија и член 68 од Законот за локалната самоуправа на 26 август 1996 година, се уредува дека се укинува Одлуката број 08-367/2 од 2.07.1996 година на Собранието на општина Тетово за распишување на референдум за лично изјаснување на граѓаните за нова територијална поделба на сегашната општина Тетово.

Според точка 2 од оспорената одлука, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

Одлуката е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.45/96, на 31 август 1996 година.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите. Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука јасно произлегува дека нејзиниот донесувач т.е. Владата на Република Македонија одлучувала за конкретно прашање. Оспорениот акт, во таа смисла, иако формално-правно го содржи називот “одлука” што асоцира на пропис, сепак по својата содржина претставува поединечен акт. Тоа дотолку повеќе ако се има предвид дека оспорената одлука нема сопствен предмет на нормативно уредување на општествени односи, туку се однесува на еден конкретен правен факт – укинување на одлука на едно конкретно општинско собрание, која според оценката на Владата е незаконита и нејзината цел е таа незаконита Одлука да ја отстрани од правниот поредок.

Според мислењето на Судот, за да може еден правен акт да се смета за пропис нужно е на општ начин да уредува односи, односно нормите што тој ги содржи да се однесуваат на неопределен број правни субјекти и нивната примена да се однесува на сите правни случаи што ќе се појават во иднина во рамките на соодветните општествени односи.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одлука не претставува пропис што подлежи на уставно-судска оценка, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.196/96)