228/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Заклучокот на Владата на Република Македонија бр.15-229 од 1 октомври 1996 година и Решението на Комисијата на Владата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал бр.15-230/135 од 30 мај 1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, “Ентериер” АД Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение. “Ентериер” АД од Скопје на 13.10.1995 година донело Одлука за довршување на трансформацијата на остатокот на општествениот капитал преку моделот со продажба на претрпијатието на лица кои ќе го преземат управувањето. Подоцна поради тоа што “Ентериер” било мало претпријатие и поради интересот на вработените, донесена е нова одлука за трансформација по моделот на откуп на друштвото од страна на вработените. Комисијата на Владата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал со решение бр.15-230/135 од 30 мај 1996 година, дала согласност за отпочнување на постапката за трансформација на претпријатието, меѓутоа наместо да го прифати моделот за трансформација на претпријатието со откуп од страна на вработените, одлучила трансформацијата да се изврши според моделот продажба на идеален дел. Владата на Република Македонија со заклучок бр.15-229 од 1 октомври 1996 година ја одбила жалбата со упатство дека незадоволната страна може да покрене управен спор пред Врховниот суд. Иако “Ентериер” АД покренал управен спор пред Врховниот суд, истовремено поднесол иницијатива пред Уставниот суд бидејќи смета дека Решението и Заклучокот не биле во согласност со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, според кој вработените можеле сами да одлучуваат кој модел на приватизација ќе го изберат.

3. Согласно член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според тоа, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста на актите на претпријатијата за трансформација ниту пак, на актите со кои се дава согласност за отпочнување на постапката за трансформација, поради што согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.228/96)