218/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 30, 50, 53 и 55 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижности (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/86 и 17/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Манчо Манчев адвокат од Кавадарци му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од законот, означени во точката 1 од ова решение бидејќи оспорените одредби од Законот не биле во согласност со член 3о од Уставот како и со член 16 од Законот за градежно земјиште и член 12 од Законот за основните сопственосно правни односи. Во иницијативата се наведува дека и покрај задолжението содржано во член 30 од оспорениот Закон, Републичката геодетска управа не го известувала собранието на општината дека на определено подрачје ќе се врши снимање на недвижности со што било оневозможено собранието на општината односно јавниот правобранител да се произнесе по конкретното снимање односно по белезите и знаците што биле поставени на недвижностите од физички лица, а со цел да се спречело евентуално узурпирање на земјата. Во член 50 од оспорениот Закон според кој во катастарот на недвижности се запишуваат одредени права не било предвидено запишување на правото на трајно користење на земјиштето во градовите и градските населби што можело да доведе до тоа да биде запишувано правото на сопственост не само на објекти туку и на земјиштето под објектот и на земјиштето што служи за редовна употреба на објектот. Во член 53 од оспорениот Закон не било предвидено Република Македонија да може да се запише како носител на правото на недвижноста во општествена сопственост иако според Законот за градежно земјиште градежното земјиште било на Републиката. Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека рокот од три години за поднесување тужба определен со член 55 од оспорениот Закон бил краток што овозможувало некои лица да станат сопственици на земјиште кое не било нивно. Наспроти овој рок во член 28 од Законот за основите на сопственосно правните односи биле утврдени други рокови по кои се стекнува сопственост по основ на одршка.

3. Судот на седницата утврди дека според член 30 од Законот, Републичката геодетска управа е должна најмалку 40 дена пред започнувањето на работите на премерот да го извести собранието на општината дека на определено подрачје ќе се врши снимање на недвижностите. Носителите на правата на недвижности се должни на подрачјето опфатено со снимањето на недвижностите на свој трошок да ги обележи со видни и трајни белези и знаци границите на недвижностите на начин што го определува Републичката геодетска управа. Спорната површина се запишува во фото скица (детална скица) според постојната состојба на владение. Републичката геодетска управа превзема мерки носителите на правата на недвижности правилно и во определен рок да ги обележат границите на недвижностите и врши контрола над извршување на работите. Носителите на правата на недвижностите кои во определениот рок не извршат обележување со видни и трајни знаци на границите на недвижностите ги сносат трошоците за дополнително снимање.

Според член 50 од Законот, во катастарот на недвижностите се запишуваат следните права: право на сопственост, стварните и личните службености; товари и ограничувања и други права за кои запишувањето е определено со закон.

Според член 53 од Законот како носители на правата на недвижностите може да се запишат државните и другите органи, претпријатијата и другите правни лица и граѓаните.

Според член 55 од Законот секој што смета дека со запишувањето на правата на недвижностите е повредено неговото право на недвижностите може со тужба кај редовниот суд да бара бришење на запишаните права на недвижностите и враќање на запишаните права во поранешна состојба. Тужбата од став 1 на овој член може да се поднесат во рок од три години од денот на извршеното запишување. По барање на заинтересираното лице спорот може да се бележи во имотниот лист.

4. Согласно член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според оваа уставна одредба Уставниот суд не е надлежен да врши изменување и дополнување на законите и другите прописи, да одлучува за примената на законите како и да ја цени меѓусебната согласност на законите.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува членот 30 од Законот поради тоа што тој не се применува, членовите 50 и 53 затоа што не содржеле одредени решенија, а членот 55 утврдувал неадекватен рок за поднесување на тужба, за што неспорно Судот не е надлежен да одлучува, Судот оцени дека согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот Уставниот суд на Република Македонија иницијативата треба да ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.218/96)

а