214/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 21 и 22 од Законот за данокот на промет на производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92, 62/92, 63/92, 3/93, 4/93, 80/93, 42/95 и 4/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Хотелското угостителско акционерско друштво “Македонијатурист”-Скопје, “Охридтурист” АД Охрид, “Инекс Дрим” – Струга, “Инекс Горица” – Охрид и “Метропол” Охрид му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 21 и 22 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби од Законот со кои се определувала даночната основица на данокот на промет на услуги не се давало можност од бруто надоместокот за извршена услуга да се одбијат трошоците кои се направени за извршување на услугата, туку таквата можност била предвидена само за даночните обврзници кои пружале услуги на поправки, со што тие биле повластени за разлика од другите даночни обврзници на данокот на промет на услуги. Со таквиот начин на определување на даночната основица се овозможувала нерамноправна положба на даночните обврзници на данокот на промет на услуги, што не било во согласност со член 55 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 21 став 1 од Законот, даночна основица на данокот на промет на услуги е износот на надоместокот на извршената услуга, платен во пари, натура и противуслуга, а според ставот 2 од овој член, данокот на промет на услуги не е содржан во даночната основица туку паѓа врз товар на корисникот на услугата.

Со став 3 од овој член на Законот се уредува дека при поправка на производи, даночната основица на данокот на промет на услуги може да се намали за вредноста на резервните делови и на другите материјали на кои при набавката е платен данокот на промет на производи, што извршителот на услугата го вградил при поправката на производот, а кои во фактурата за извршените услуги посебно се искажани и за кои е приложена соодветна документација.

Според член 22 од Законот, даночната основица на данокот на промет на услуги е:

1) остварената разлика меѓу набавната и продажната цена, провизијата односно другиот надомест за услугите на промет на производи на големо, односно за услугите на увоз на производи и за другите надворешно-трговски услуги;

2) остварената провизија и другиот надомест за услугите на застапување на странски правни или физички лица;

3) остварената провизија и другиот надомест за агенциски, посреднички, застапнички и комисиони услуги;

4) остварената позитивна разлика меѓу активните и пасивните камати за кредитните услуги;

5) остварената провизија и другиот надомест за банкарски, берзански и услуги на платниот промет;

6) остварената премија на осигурување за услугите на осигурување, и

7) вредноста на примените уплати, намалена за добивката исплатена за игра на среќа.

За секој вид игри на среќа посебно се утврдува даночната основица.

4. Тргнувајќи од содржината на оспорените одредби на членовите 21 и 22 од Законот, а имајќи ги предвид причините за оспорување наведени во иницијативата, според мислењето на Судот, оспорените одредби не опфаќаат таква содржина каква што подносителот на иницијативата им пропишува. Имено, мотивот и целта на иницијаторот не е да се оспорува даночната основица на субјектите што вршат поправка на производи (став 3 на член 21 од Законот), туку напротив, таквата основица да се однесува и на субјектите што вршат угостителска дејност. Таквото барање, всушност е барање за изменување и дополнување на Законот, што не е во надлежност на Судот. Што се однесува за различна примена на одредбите на Законот во практиката, тоа е прашање на примена на даночната политика за што Судот, исто така не одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.214/96)