169/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 65 став 3 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95) и на член 1 став 5 од Одлуката за стапката и основиците за пресметување и плаќање на придонесите за здравствено осигурување во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија2 бр.59/91, 32/92 и 48/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Јулијана Димитровска, Трифко Неделков, Љубе Неделковски, Томе Аџиев и Здравко Бошевски, сите адвокати од Битола, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на одредбите од Законот и Одлуката означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба основицата за пресметување на придонесот за здравствено осигурување била најниската плата утврдена со колективен договор помножена со просечниот коефициент на сложеност на трудот, а со оспорената одредба од Одлуката било предвидено дека основицата за пресметување на придонесот не можела да биде пониска од најниската цена на работната сила, корегирана со утврдените коефициенти на сложеност. Ваквиот начин на утврдување на основицата за пресметување на придонесот за здравствено осигурување давало можност, што и во праксата се потврдило, за нееднакво оптоварување на граѓаните со што било повредено уставното начело за еднаквоста на граѓаните, независно од нивната имотна и општествена положба. Придонесот пресметан на ваков начин номинално бил поголем од придонесот што се плаќал за пензиско-инвалидско осигурување, и покрај тоа што стапката за овој вид придонес била поголема.

Оспорените одредби биле дискриминаторски затоа што граѓаните со повисоко образование со примена на утврдените коефициенти на сложеност плаќале поголем придонес зголемен неколку пати.

Со Законот за работните односи (членот 70) била, посредно, утврдена најниската плата, а таа била најниската плата за одделни степени на сложеност.

Исто така, и со колективните договори била утврдена најниската плата, а тоа било основната плата корегирана со определени степени на сложеност што значело дека во категоријата на најниска плата еднаш веќе бил внесен степенот на сложеност. Според тоа со оспорените одредби вака утврдената плата (најниска плата која била веќе еднаш пресметана со коефициентот на сложеност) уште еднаш се пресметувала (се множела) со коефициентот на сложеност. Оттука оспорените одредби не биле во согласност и со членот 70 од Законот за работните односи и со колективните договори.

3. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.17/96 од 14 февруари 1996 година не повел постапка за оценување уставноста на одредбата од член 65 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Исто така, Судот утврди дека ја оценувал уставноста и законитоста на оспорената одлука и со решение У.бр.214/94 од 8 февруари 1995 година не повел постапка.

Притоа Судот утврдил дека, иако со Уставот не се определени мерила и критериуми за димензиите и обемот на остварувањето на правата од областа на здравствената заштита, со законите и другите прописи со кои се уредуваат прашањата во оваа област мора да бидат утврдени начела и принципи кои еднакво ќе се однесуваат на сите осигуреници корисници на здравствена заштита. Во тие рамки здравственото осигурување претставува еден од условите на остварувањето на правото на граѓаните на социјално осигурување. Со оглед на тоа што висината на таа основица (како еднаква мера за сите) е врзана за сложеноста на трудот, Судот оценил дека со тоа се утврдуваат еднакви критериуми за пресметување на стапките на придонесите за здравствено осигурување на оние категории осигуреници кои се наоѓаат во еднаква фактичка положба односно кои имаат ист коефициент на сложеност на трудот.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот и оспорената одредба од Одлуката биле предмет на оценка пред овој Суд, односно за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

Во поглед на наводите во иницијативата дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со означената одредба од Законот за работните односи, согласно член 110 од Уставот овој Суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на законите.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.169/96)