Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 октомври 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 122 точките 18, 19, 20 и 21 од Кривичниот законик (Службен весник на Република Македонија бр.37/96).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Адвокатот Антонио Коштанов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со нив се повредувало основното право дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не биде утврдено со закон или друг пропис, затоа што просечната плата според Законот за персоналниот данок од доход не се објавувала во почетокот на месецот, па сите кривични дела сторени до објавувањето на просечната месечна плата за тој месец немало да бидат предвидени како казниви пред нивното извршување. Ваквото определување на кривичните дела не било во согласност со член 14 од Уставот на Република Македонија.
Исто така, со спорното дефинирање на кривичните дела извршено во означените членови од Законот се повредувал и член 61 од Уставот, затоа што се давала можност, надвор од Законот, дополнително да се утврдат обележјата на одредено кривично дело и тоа по неговото извршување, врз основа на објава за просечната месечна плата, што не претставувала ниту закон ниту, пак, пропис.
3. Судот на седницата утврди дека според член 7 од Кривичниот законик кривично дело е противправно дело што со закон е определено како кривично дело и чии обележја се определени со закон.
Во член 122 од Законикот се определува значењето на изразите употребени во него. Така во оспорената точка 18 е определено дека под помала имотна корист вредност или штета, се подразбира корист, вредност или штета што одговара на износот на службено објавена една половина просечна месечна плата во стопанството во Република Македонија во времето на извршувањето на делото. Во точка 19 е предвидено дека под поголема имотна корист, вредност или штета се подразбира корист, вредност или штета што одговара на износот на пет просечни месечни плати во стопанството во времето на извршувањето на делото.
Во точка 20 е определено дека под значителна имотна корист, вредност или штета се подразбира корист, вредност или штета што одговара на износот на педесет просечни месечни плати во стопанството во времето на извршувањето на делото.
И во точка 21 е определено дека под корист, вредност или штета од големи размери се подразбира корист, вредност или штета што одговара на износот од 250 просечни месечни плати во стопанството во времето на извршувањето на делото.
4. Според член 14 став 1 од Уставот на Република Македонија, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека во казненото право основна одредница претставува начелото на законитост кое служи како гарант за правата и слободите на граѓаните од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, вградена во нејзините казнени закони, од друга страна.
Начелото на законитост во Република Македонија е подигнато на ранг на уставно начело. Ова начело ги содржи следните елементи: државата да ги прогласи како казниви дела поведенијата на човекот со кои се повредуваат или загрозуваат индивидуалните слободи и права, државата да ги определи на крајно прецизен начин битијата на казнивите дела, за секое казниво дело, да пропише соодветна казна што е нужна и праведна и прецизно да ги одреди границите на казната и на другите санкции, државата стриктно да ги определи овластувањата на судот и на другите органи во примената на казнено-правните норми, никој да не може да биде казнет за дело што пред да е сторено не било со закон пропишано како казниво дело, спрема никој да не може да биде изречена казна што не е предвидена со закон.
Притоа, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени, туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи при тоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденот на казнивите дела и казните.
Со Кривичниот законик се определени кривичните дела и нивните обележја, како и казните за нив, а со оспорените законски одредби само се определуваат одредени дополнителни критериуми со цел да ги појаснат обележјата на определени кривични дела.
Со оглед на тоа што во оспорените законски одредби одредени вредносни износи се определени во зависност од точно утврден број на просечни месечни плати во стопанството Судот оцени дека постојат елементи на определивост и предвидливост на делото и казната со што се создава можност за остварувањето на правдата како една од основните цели на казнувањето предвидена во член 32 од Кривичниот законик.
Секој друг начин на определување на вредносните изрази би можел да доведе до неоправдано привилегирање на сторителите на кривични дела, со што не би се постигнала целта на казнувањето, а тоа е остврување на правдата, спречување на сторителот да врши кривични дела и негово превоспитување, како и воспитното влијание врз другите да не вршат кривични дела.
Така, доколку се определат фиксни износи ќе се наложи потреба од често менување на Законот, поради економските движења во државата, ако, пак, не се наведат никакви износи ќе се создаде можност за субјективно определување на одредени вредносни износи од судиите, односно од одреден суд.
Со оглед на тоа што со оспорените законски одредби се определуваат појаснувачки елементи за обележјата на одредени кривични дела со цел тие да бидат со закон правно одредени и одредливи, Судот оцени дека е постапено во смисла на член 14 и член 54 од Уставот, поради што утврди дека не може да се постави прашањето за уставноста на означените законски одредби.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.192/96)